• четврток, 19 декември 2024

Бајрамовска Мустафа: Омбудсманот отвори предмет за деветмесечното починато бебе, се чекаат одговорите од надлежните здравствени установи

Бајрамовска Мустафа:  Омбудсманот отвори предмет за деветмесечното починато бебе, се чекаат одговорите од надлежните здравствени установи

Скопје, 6 март 2023 (МИА) - Заменик-правобранителот Васка Бајрамовска Мустафа во изјава за медиумите денеска соопшти дека Омбудсманот отворил предмет за да се утврдат причините за смртта на деветмесечното бебе, кое почина од туберкулоза. Таа посочи дека Народниот правобранител ќе ја продолжи постапката и ќе ги чека одговорите од надлежните здравствени установи.

-Отворивме предмет по сопствена иницијатива. Имајќи ги предвид наводите објавени во средствата за јавно информирање се обративме до повеќе органи. Се обративме првенствено до  меѓуопштинскиот центар за социјална работа по место на живеење на семејството, до Институтот за јавно здравје, до надлежната клиника каде детето се лекувало, како и до Клиниката каде е сместена мајката на детето. По добиените информации ние сме секојдневно во контакт со меѓуопштинскииот центар за социјална работа, каде по интервенциите направен е увид во семејството, преземени се мерки согласно надлежностите. Како што тврди директорката, иако писмено чекаме одговор, дека не утврдиле пропуст во делот на семејната грижа, односно родителската грижа за децата, имајќи предвид дека покрај ова дете семејството има уште три други деца, рече Бајрамовска Мустафа.

Таа додаде дека Народен правобранител ќе ја продолжи понатаму постапката и ќе ги чека одговорите од надлежните здравствени установи, но, како што вели, во процесот ќе бидат вклучени и надлежниот Државен санитарен и здравствен инспекторат и Министерството за здравство.

-Ќе ги вклучиме и надлежниот Државен санитарен и здравствен инспекторат и Министерството за здравство. Оценуваме дека е потребно да се испита моментот од пораѓањето, килажата на детето, примањето на вакцината со толку мала килажа за да се утврди дали патронажните служби ги преземале сите оние мерки дури и за информирање. Жално е во 21 век кога има лек, вакцина, кога  може и да се превенира таква болест да дозволиме да ни почине дете, рече Бајрамовска Мустафа.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска во изјава за медиумите истакна дека по извршениот увид од страна на стручниот тим од Центарот за социјални работи утврдено е дека семејството на деветмесечното бебе кое почина вчера од туберкулоза живее во добри и дека тие не се корисници на социјална помош или детска заштита. Од здравствен аспект, дополни министерката, треба да постапи Министерството за здравство со нивните служби. свс/фф/

Фото: Принтскрин од Фејсбук

Остани поврзан