• среда, 25 декември 2024

Бајден ја потврди поддршката за обновата на Украина

Бајден ја потврди поддршката за обновата на Украина

Њујорк, 26 септември 2024 (МИА)  - Американскиот претседател Џо Бајден, заедно со меѓународните партнери, ја потврди својата посветеност да и помогне на Украина во обновата на земјата, јави ДПА.

-Ние сме посветени на Украина да и ги обезбедиме ресурсите што и се потребни за да се изгради посилна отколку што беше порано, рече Бајден на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Не е тајна дека руските напади предизвикаа значителна штета, рече американскиот претседател, но, додаде тој, „ Украина е економски отпорна“.

Русија ја започна својата целосна инвазија на соседната земја на 24 февруари 2022 година.

На синоќешниот настан, на кој присуствуваа и украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Бајден претстави декларација на повеќе од 30 земји и ЕУ за поддршка на реконструкцијата на Украина, пренесува германската агенција .

Целта на декларацијата е Русија да биде повикана на одговорност за штетата и за обновата на Украина на долг рок.

-Денеска објавуваме заедничка декларација за поддршка за обновата на Украина за да стане јасно дека стоиме со Украина сега и во иднина, рече Бајден.

Г7 во јуни одлучија да ги искористат приходите од камати од замрзнатите руски средства за да финансираат пакет заем од 50 милијарди долари за Украина.

-Суверените средства на Русија ќе бидат имобилизирани додека Русија не стави крај на својата агресија и не ја плати штетата што ја предизвика, објасни Бајден во Њујорк, пренесе ДПА. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан