• среда, 04 декември 2024

Бајден пристигна во Ангола - ќе го претстави железничкиот проект финансиран од САД

Бајден пристигна во Ангола - ќе го претстави железничкиот проект финансиран од САД

Лианда, 2 декември 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска пристигна во Ангола во тридневна посета на субсахарска Африка, која ќе ја искористи за да го претстави амбициозниот железнички проект, чија изградба е финансирана од САД.

Реконструкцијата на железничкиот коридор Лобито во Замбија, Конго и Ангола има за цел да го зголеми присуството на САД во регионот богат со минерали кои се користат во батериите на електрични возила, електронските уреди и технологиите за чиста енергија.

Во Ангола, Бајден ќе се сретне со претседателот Жоао Лоренс, ќе го посети Националниот музеј на ропството и ќе отпатува во пристанишниот град Лобито за да го разгледа проектот за железница.

Бајден ќе ги претстави и новите случувања во областа на здравството, агробизнисот и соработката меѓу двете земји во областа на безбедноста, соопшти Белата куќа.

Коридорот Лобито ќе биде надградба и продолжување на железничката линија од рудниците за бакар и кобалт во северна Замбија и јужно Конго до пристаништето Лобито на атлантскиот брег на Ангола. Исто така, на крајот има за цел да се прошири од Замбија и Конго до источниот брег на Африка преку Танзанија за да стане железничка врска од брег до брег на континентот. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан