• среда, 25 декември 2024

Бајден објави остри санкции против Русија

Бајден објави остри санкции против Русија
Вашингтон, 22 февруари 2022 (МИА) – Американскиот претседател Џозеф Бајден вечерва објави дека САД воведуваат санкции против руската елита, членовите на нивните семејства и две банки и посочи дека Русија ќе плати уште поголема цена „доколку продолжи со агресија врз Украина“. Бајден најави дека во „првиот пакет“ санкции ќе блокира две големи руски финансиски институции – ВЕБ и Руската воена банка. Покрај тоа, тој најави дека „делови од руската економија ќе бидат отсечени од меѓународните финансиски системи“. Бајден го опиша фактот што рускиот претседател Владимир Путин ги признал самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск како „почеток на руската инвазија на Украина“. - Како одговор на тоа, ќе почнам да воведувам санкции, многу поостри од чекорите што ние и нашите сојузници ги презедовме во 2014 година. Ако Русија продолжи со оваа инвазија, ние сме подготвени да одиме понатаму, рече Бајден. Тој оцени дека потегот на Путин најавува дека Русија има намера, како што наведе, да „присвои“ голем дел од Украина“. - Путин синоќа ги овласти руските сили да се распоредат во тие региони. Денес тој тврдеше дека тие региони всушност се протегаат подлабоко од двете области што ги призна. Тој наоѓа изговор да заземе повеќе територија со сила, според мене, судејќи според неговиот говор во понеделникот, да оди многу подалеку. Ова е почеток на руската инвазија на Украина, рече Бајден. Американскиот претседател информира и дека одобрил дополнителен трансфер на војници и воена опрема во Европа за зајакнување на балтичките сојузници, откако Путин нареди испраќање трупи во двете самопрогласени републики во источна Украина, што ги призна вчера. - Откако Русија призна дека нема да ги повлече своите војници од Белорусија, одобрив дополнителен трансфер на американски војници и опрема кои веќе се стационирани во Европа, со цел да ги зајакнеме нашите балтички сојузници, Естонија, Летонија и Литванија, рече Бајден. Тој додаде дека сака да појасни дека тоа се „целосно дефанзивни чекори“. - Немаме намера да се бориме против Русија. Сепак, сакаме да испратиме јасна порака дека САД заедно со своите сојузници ќе ја бранат секоја педа од територијата на НАТО и ќе ги исполнат своите обврски кон Алијансата, рече Бајден. јт/

Остани поврзан