• среда, 28 август 2024

Бајден: Не се откажуваме од обидите за ослободување на американскиот учител Марк Фогел од Русија

Бајден: Не се откажуваме од обидите за ослободување на американскиот учител Марк Фогел од Русија

Вашингтон, 2 август 2024 (МИА) - Претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека американските високи претставници сè уште се надеваат дека ќе овозможат ослободување на американскиот државјанин Марк Фогел, кој издржува 14-годишна казна затвор во Русија.

Фогел е 63-годишен учител кој работел во амбасадата на САД во Москва. Тој е осуден за шверц на дрога, откако бил задржан на московскиот аеродром во август 2021 година со 17 грама марихуана во багажот. Фогел тврди дека ја користи од медицински причини. Во моментот на задржувањето, Фогел работел во веќе затвореното Англо-американско училиште во Москва.

- Нема да се откажеме, изјави Бајден.

Вчера се одржа историска размена на затвореници која вклучуваше 24 затвореници - 16 испратени од Русија на Запад, вклучувајќи го и репортерот на „Волстрит Џурнал“ Еван Гершкович, и осум испратени назад во Русија од западните земји.

Ан Фогел, сестрата на осудениот во Русија учител, вчера изјави за Пи Би Ес „ЊузАуер“ дека семејството на Фогел разговарало со советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан, пред две години, но оттогаш не чуле ништо од властите.

- На Марк во ниеден момент не му беше даден приоритет. Тој беше осуден по истиот кодекс како и Бритни Грајнер, но не беше прогласен за неправомерно задржан. Ние немаме поддршка од НБА или од 'Волстрит Џурнал', така што за нас е многу тешко да го вратиме нашиот близок, рече таа.

Американската кошаркарка Бритни Грајнер беше ослободена од рускиот притвор при размена на затвореници во 2022 година. Таа беше задржана на московскиот аеродром со полначи за вап, кои содржеле масло од канабис, во багажот.

- Апсолутно е неправедно што не го вратија дома при најголемата историска размена на затвореници по Втората светска војна, рече Ан Фогел, мислејќи на вчерашната размена. ссм/

фото: архива

Остани поврзан