• среда, 25 декември 2024

Бајден на 15 април ќе го прими ирачкиот премиер ал-Судани на разговори за распуштање на коалицијата против ИД

Бајден на 15 април ќе го прими ирачкиот премиер ал-Судани на разговори за распуштање на коалицијата против ИД

Вашингтон, 23 март 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден планира следниот месец да го прими во Белата куќа ирачкиот премиер Мохамед Шија ал Судани, посета што доаѓа во време кога земјите одржуваат официјални разговори за завршување на мисијата на воената коалиција, предводена од САД, создадена во Ирак за борба против Исламска држава , јавија американските медиуми.

Белата куќа соопшти дека средбата е закажана за 15 април.

Двајцата лидери „ќе се консултираат за низа прашања“, вклучително и борбата против Исламската држава и „тековните финансиски реформи во Ирак за промовирање на економскиот развој и напредокот кон финансиската независност и модернизација на Ирак“, соопшти Белата куќа.

Двете земји имаат деликатни односи, делумно поради значителното влијание на Иран во Ирак, каде коалицијата на групи поддржани од Иран го постави Ас Судани за лидер на земјата во октомври 2022 година. 

Во последниве месеци, САД го повикаа Ирак да стори повеќе за да ги спречи нападите врз американските бази во Ирак и Сирија, кои дополнително ги зголемија тензиите на Блискиот Исток по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. 

САД, исто така, се обидуваат да извршат финансиски притисок врз односите на Багдад со Техеран со ограничување на пристапот на Ирак до сопствените средства во обид да се спречат перењето пари за кое се вели дека е од корист на Иран и Сирија.

Во јануари САД и Ирак ги почнаа официјалните разговори за распуштање на коалицијата формирана за да и помогне на ирачката Влада во борбата против Исламска држава. 

Во Ирак се уште се наоѓаат околу 2.000 американски војници, согласно договорот со Багдад. 

Ирачките власти периодично повикуваат на повлекување на овие сили. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан