• недела, 24 ноември 2024

Бајден на конвенцијата на демократите: Се бориме за душата на Америка

Бајден на конвенцијата на демократите: Се бориме за душата на Америка

Чикаго, 20 август 2024 (МИА) – Претседателот на САД Џо Бајден се обрати пред учесниците на Демократската национална конвенција во Чикаго, каде треба да се официјализира кандидатурата на Камала Харис за претседателската функција.

Помалку од еден месец по повлекувањето од трката, Бајден беше пречекан и поздравен како херој на конвенцијата.

Говорот на Бајден официјално го најави неговата ќерка Ешли Бајден, а аплаузот пред неговиот говор траеше три минути.

Публиката скандираше „Те сакаме Џо“, на што тој одговори дека ги сака нив и Америка, пишува Гласот на Америка.

- Да ве прашам: Дали сте подготвени да гласате за слобода? Дали сте подготвени да ги изберете Камала Харис и Тим Волц?, праша Бајден.

Тој рече дека демократите се собраа во 2020 година за да ја спасат демократијата.

- Демократијата победи. Ние ја донесовме демократијата. И сега демократијата мора да се зачува. Пред нас е пресвртна точка. Еден од оние ретки моменти во историјата кога одлуките што ги носиме сега ќе ја одредат судбината на нашата нација и на светот во децениите што доаѓаат. Тоа не е хипербола, мислам буквално. Ние се бориме за душата на Америка, рече Бајден.

Тој, исто така, зборуваше за своите резултати и изјави дека тој и Камала Харис им помогнале на државите и градовите повторно да ги отворат училиштата и дека наставниците во државните училишта добиле покачувања.

Тој рече дека не е Трамп и оти нема да ги демонизира имигрантите, за кои републиканскиот кандидат тврди дека ја „отруле крвта на Америка“.

Бајден зборуваше и за завршување на војната во Газа и за тоа како го напишал мировниот договор за Газа и дека работи деноноќно за да стави крај на страдањата на палестинскиот народ.

- Демонстрантите на улица имаат право. Многу невини луѓе гинат од двете страни, рече Бајден.

Тој додаде дека Харис е најдобрата личност која може да ја заврши работата што тој ја почнал – да го победи републиканскиот ривал Доналд Трамп и да ја заштити американската демократија од него.

Првата дама на САД, Џил Бајден говореше пред нејзиниот сопруг за тоа како решил да се откаже од кандидатурата.

- Го гледав како копа длабоко во неговата душа и одлучи да не бара реизбор и да ја поддржи Камала Харис. Нашиот син Бо првпат работеше со Камала кога беше јавен обвинител на Делавер. Една ноќ ми рече за време на вечерата. „Мамо, таа е посебна. Некој на кој треба да внимаваш. И беше во право. Џо и јас ја видовме нејзината храброст, одлучноста и каква лидерка е. Камала и Тим, ќе победите, рече Џил Бајден.

На почетокот на конвенцијата на бината ненадејно се појави и Камала Харис и накратко ги поздрави делегатите.

- Ова ќе биде прекрасна недела. Сакам да почнам со тоа што ќе го поздравам нашиот претседател, на кого сме вечно благодарни. Сакаме да се бориме за идеалите што ни се блиску до срцето. Кога се бориме, победуваме“, рече таа.

На првата вечер на конвенцијата говореа и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и тренерот американскиот кошаркарски „тим од соништата“ Стив Кер.

Конвенцијата на демократите завршува в четврток.

Денеска на конвенцијата треба да говорат поранешниот претседател Барак Обама и сопругот на Камала Харис, Даг Емхоф, а утре кандидатот за потпретседател Тим Волц.

Тогаш ќе зборува и поранешниот претседател Бил Клинтон.

Говорот на Камала Харис е закажан за четврток, кога се очекува и официјално да ја прифати кандидатурата, со што ќе заврши конвенцијата. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан