• среда, 18 декември 2024

Бајден му порача на Нетанјаху дека може да ја загуби светската поддршка поради „неселективно бомбардирање“

Бајден му порача на Нетанјаху дека може да ја загуби светската поддршка поради „неселективно бомбардирање“

Вашингтон, 12 декември 2023 (МИА) – Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека му пренел на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Израел ризикува да ја загуби меѓународната поддршка поради „неселективно бомбардирање“ во неговата војна со палестинскиот Хамас во Појасот Газа и дека не е сигурен дека најтврдокорните конзервативни лидери во Израел ја сфаќаат пораката.

Говорејќи на собир за собирање средства за неговата изборна кампања во Вашингтон, Бајден рече дека Израел и израелскиот премиер, кого го нарече Биби, мора да донесат „тешка одлука“.

- Мислам дека треба да ја промени својата влада. Неговата влада во Израел многу ги отежнува работите, рече Бајден и додаде дека израелските власти почнуваат да ја губат поддршката со неселективното бомбардирање.

Бајден, исто така, го прозва и Итамар Бен Гвир, лидерот на израелската крајнодесничарска партија и министер за национална безбедност во владејачката коалиција на Нетанјаху. Бен-Гвир се противи на решението за две држави меѓу Израел и Палестинците и бара Израел повторно да ја преземе контролата врз целиот Западен Брег и Газа.

Бајден посочи дека не е сигурен дека воениот кабинет на Бен-Гвир и Нетанјаху ги сфаќаат импликациите од сегашното бомбардирање.

Американскиот претседател рече дека за разлика од Вашингтон, израелската влада не сака решение со две држави со Палестинците. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан