• петок, 20 декември 2024

Бајден и се обрати на нацијата за обидот за атентат врз Трамп: Во Америка нема место за ваков вид насилство

Бајден и се обрати на нацијата за обидот за атентат врз Трамп: Во Америка нема место за ваков вид насилство

Вашингтон, 14 јули 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден вечерва и се обрати на нацијата со најновите информации за обидот за атентат врз Доналд Трамп и за мерките што ги преземаат безбедносните служби.

- Благодарен сум што Трамп е добро и се опоравува. Разговарав со Доналд Трамп. Имавме краток и добар разговор. Навистина сум благодарен што Трамп е добро и се опоравува, рече Бајден во кусото обраќање.

Посочи дека во Америка нема место за ваков вид насилство, ниту за какво било насилство.

- Обидот за атентат е против сето она за кое се залагаме како народ, со сè. Не се работи за тоа кои сме ние како нација. Тоа не е Америка и не можеме да дозволиме да се случува. Единството е најтешката цел од сите, но ништо не е поважно од тоа, додаде Бајден.

Во врска со истрагата кажа дека мотивот засега е непознат и оти ФБИ трба да си ја заврши работата

- Сè уште немаме информации за мотивот на атентаторот. Знаеме кој е тој. Ги повикувам сите, ве молам немојте да правите претпоставки за неговите мотиви или врски. ФБИ нека ја работи својата работа. Наредив оваа истрага да биде темелна и брза, а истражителите ќе ги имаат сите ресурси што им се потребни за да го направат тоа, рече Бајден.

Кажа и дека наредил истрага за националната безбедност и оти е зголемено нивото на заштита на Доналд Трамп и обезбедувањето на утрешната конвенција на Републиканската партија во Милвоки..

- Трамп, како поранешен претседател и кандидат на Републиканската партија, веќе доби зголемено ниво на безбедност, а јас бев доследен на моите инструкции до Тајната служба да му ги дадам сите ресурси, способности и заштитни мерки неопходни за да се обезбеди неговата континуирана безбедност. Второ, му наредив на шефот на Тајната служба да ги разгледа сите безбедносни аранжмани за Републиканската национална конвенција, која е закажана за утре. И трето, наредив независна национална безбедносна истрага за вчерашниот митинг за да се процени што точно се случи, а резултатите од тој независен преглед ќе ги споделиме со американскиот народ, изјави Џо Бајден.

По неколкуминутната изјава, како што пренесуваат американските медиуми, тој ја напуштил просторијата без да одговора на новинарските прашања.са/

ЕПА

Остани поврзан