Бајден и Макрон ветија продолжување на поддршката за Украина
- Претседателите на САД и на Франција, Џо Бајден и Емануел Макрон, на денешната средба во Париз ветија продолжување на поддршката за Украина. САД се цврсто на страната на Украина и другите сојузници, рече Бајден. Макрон, пак, најави дека Франција ќе продолжи со поддршката за Украина онолку долго колку што е потребно.
Париз, 8 јуни 2024 (МИА) - Претседателите на САД и на Франција, Џо Бајден и Емануел Макрон, на денешната средба во Париз ветија продолжување на поддршката за Украина.
САД се цврсто на страната на Украина и другите сојузници, рече Бајден. Макрон, пак, најави дека Франција ќе продолжи со поддршката за Украина онолку долго колку што е потребно, јави ДПА.
Пред средбата на двајцата лидери, американската администрација сепак јасно стави до знаење дека САД нема да учествуваат во планот на Макрон за испраќање воени обучувачи во Украина.
Макрон синоќа изјави дека разговарал за лидерите на НАТО за испраќање воени обучувачи во Украина и дека неколкумина се согласиле со неговите планови, кои ќе бидат финализирани „во наредните денови“.
Бајден, претходно истакна дека ниту еден американски персонал нема да биде испратен во воената зона, а Белата куќа вчеравечер јасно стави до знаење дека ништо не се променило во тој поглед.
Ова прашањето не беше споменато на денешната средба на Бајден и Макрон. Беа дадени кратки изјави, но не беа дозволени прашања.
Во официјалното соопштение од Белата куќа по средбата се вели: „Размислувајќи за нивниот историски однос и потсетувајќи на цената за мирот и слободата што ја платија минатите генерации во двете земји, претседателите ја потврдуваат својата посветеност на Европа, цела, слободна и во мир“.
На средбата станало збор и за користење на каматите од замрзнатите руски средства за поддршка на Киев. Франција и САД, исто така, имаат за цел сите членки на Г7 да одобрат заем од 50 милијарди долари за Украина.
Американскиот претседател е во Франција од средата, каде што присуствува на одбележувањата по повод 80-годишнината од Денот Д во Нормандија.са/
Фото: ЕПА