• четврток, 19 декември 2024

Бајден го поддржа членството на Шведска во НАТО на средбата со Кристерсон

Бајден го поддржа членството на Шведска во НАТО на средбата со Кристерсон

Вашингтон, 6 јули 2023 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден за време на денешниот разговор во Белата куќа со шведскиот премиер Улф Кристерсон го поддржа членството на Шведска во НАТО.

На средбата со Кристерсон, Бајден им кажа на новинарите дека сака да ја потврди американската поддршка за членството на Шведска и додаде дека „со нетрпение го очекува“ нејзиниот прием, пишува Гласот на Америка.

Кристерсон му се заблагодари на Бајден за поканата и додаде дека Шведска „многу ја цени“ поддршката на американскиот претседател и дека „мисли дека може да придонесе“ за приклучување кон воената алијанса.

Во недела, Бајден ја започнува европската турнеја, за време на која ќе присуствува на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, за кој рече дека е „природно време“ да се заврши шведскиот пристапен процес.

„Сепак, и двајцата знаеме дека само Турција може да носи свои одлуки“, им рече Кристерсон на новинарите во Шведската амбасада во Вашингтон.

Турција го блокира членството на Шведска, а нејзиниот претседател Реџеп Тајип Ердоган го обвини Стокхолм дека засолнува членови на вооружени групи кои Анкара ги смета за терористи. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан