• среда, 25 декември 2024

Бајден го повика Нетанјаху да ги заштити цивилите, но не и за прекин на огнот во Газа (ДПЛ)

Бајден го повика Нетанјаху да ги заштити цивилите, но не и за прекин на огнот во Газа (ДПЛ)

Вашингтон, 24 декември 2023 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ги заштити цивилите во Појасот Газа, но не и за прекин на огнот, јавија странските агенции.

„Бајден вчера имаше телефонски разговор со Нетанјаху. Американскиот претседател побара од израелскиот премиер да ги заштити цивилите“, соопшти Белата куќа.

Во соопштението се истакнува дека „американскиот претседател ја нагласил критичната неопходност за заштита на цивилното население, вклучително и оние кои придонесуваат во операциите за испорака на хуманитарна помош, и важноста да им се дозволи на цивилите безбедно да ги напуштат областите каде што продолжуваат да се водат битки“.

Претходно Бајден изјави дека не побарал од израелскиот премиер прекин на огнот во Газа.

„Денеска имав долг разговор со Нетанјаху и тој беше приватен“, изјави американскиот претседател.

Во одговор на прашање појасни дека не повикал на прекин на огнот. „Не барав прекин на огнот“, рече Бајден.

Израелскиот премиер Нетанјаху изразил благодарност за американската позиција во Советот за безбедност на ОН, се вели во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху, веројатно мислејќи на резолуцијата на Советот за безбедност донесена завчера за војната меѓу Израел и палестинското исламистичко движење Хамас, чиј текст беше омекнат за да се избегне американското вето.

Според соопштението, Нетанјаху „јасно изјавил дека Израел ќе ја продолжи војната додека целосно не се постигнат сите негови цели“. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

 

Остани поврзан