• вторник, 24 декември 2024

Бајден го одложи патувањето во Германија и Ангола поради ураганот Милтон (ДПЛ)

Бајден го одложи патувањето во Германија и Ангола поради ураганот Милтон (ДПЛ)

Вашингтон, 8 октомври 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден го одложува планираното патување во Германија на крајот на оваа недела поради силниот ураган Милтон, кој се движи кон државата Флорида, соопшти Белата куќа.

Како што е наведено, одложено е и патувањето во Ангола, кое требаше да следи по посетата на Бајден на Германија.

Засега нема информации кога претседателот, чиј мандат завршува во јануари, планира да ги оствари тие патувања.

Американскиот претседател се очекуваше да пристигне во Берлин в четврток вечер за да се сретне со германскиот канцелар Олаф Шолц и со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

Бајден потоа планираше да отпатува в сабота во западната германска покраина Рајнланд-Пфалц, каде што требаше да биде домаќин на самитот за Украина во американската воздухопловна база во Рамштајн.

Портпаролот на германската влада Штефан Хебестрајт изрази жалење што средбата со Бајден се одложува и истакна дека Берлин „ ја разбира ситуацијата на Флорида“.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека Бајден го одложува патувањето „со оглед на проектираната траекторија и силата на ураганот Милтон“.

Ураганот Милтон, бура од четврта категорија што се упати кон југоисточниот дел на Соединетите Американски Држави, може да биде најлошата што ја погоди Флорида во изминатиот век, изјави денеска претседателот Џо Бајден.

„Ова би можело да биде најлошата бура што ја погодила Флорида во повеќе од еден век. Дај Боже да не биде, но вака изгледа во моментов“, им рече Бајден на новинарите во Белата куќа. паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан