Бајден ги повика воените лидери на Судан да формираат преодна влада
- Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска ги повика воените лидери во Судан веднаш да ги ослободат сите уапсени, како и повторно да воспостават институции на преодната влада.
Вашингтон, 28 октомври 2021 (МИА) – Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска ги повика воените лидери во Судан веднаш да ги ослободат сите уапсени, како и повторно да воспостават институции на преодната влада.
- Настаните од претходните денови претставуваат голем чекор наназад, но САД ќе продолжат да бидат со народот на Судан и нивната ненасилна борба за унапредување на целите на суданската револуција, рече Бајден во соопштение.
Советот за безбедност на ОН претходно денеска изрази „сериозна загриженост поради воениот удар во Судан“ и ги повика воените власти во земјата повторно да воспостават цивилна преодна влада.
Суданските воени сили во понеделникот уапсија повеќе функционери, вклучително и премиерот Абдала Хамдок, и ја презедоа власта во земјата.
Еден ден откако суданската армија ја презеде власта, продемократските демонстранти ги блокираа улиците на главниот град со импровизирани барикади и запалени гуми.
Воениот удар и преземањето на власта дојдоа по неколкунеделни тензии меѓу воените и цивилните претставници околу темпото на транзицијата на Судан кон демократија.
На премиерот Хамдок и неговата сопруга, кои беа приведени откако армијата изврши државен удар и ја презеде власта, во вторникот им беше дозволено да се вратат во својот дом во Картум. ссм/