• петок, 27 декември 2024

Бауер: НАТО ги штити слободата, демократијата и суверените права на народите сами да ја одредуваат својата судбина 

Бауер: НАТО ги штити слободата, демократијата и суверените права на народите сами да ја одредуваат својата судбина 

Брисел, 16 септември 2023 (МИА) - Плановите на НАТО и националната одбрана никогаш досега не биле толку тесно поврзани. Плановите што ги договоривме на Самитот во Вилнус ќе влијаат на развојот на сите наши вооружени сили во наредните децении и преземаме храбри чекори за дополнително зајакнување на нашите напори за одвраќање и одбрана, порача денеска претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер во воведното обраќање на Конференцијата на Комитетот што се одржува во Осло. 

- Централниот дел на сето ова се збирот на планови за Одвраќање и одбрана на евроатлантската област (ДДА). Ова ги вклучува регионалните планови, кои се географски специфични и кои опишуваат како ќе ги браниме клучните и релевантни делови во нашата Алијанса. Регионалните планови се базираат на објективни барања, кои прецизно наведуваат кои средства или капацитети се потребни во услови за криза или конфликт, додаде Бауер во обраќањето на собирот на кој присуствува и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски. 

Бауер потенцира дека овие планови се жива материја кои треба постојано да се ажурираат како што се појавуваат нови закани и мора да се реализираат. 

- Денес ќе разговараме за реализацијата, а таа опфаќа повеќе војници на повисока ниво на готовност, градење и развој на оспособеност, адаптација на командните и контролните структури на НАТО, поголема логистика, поддршка на земјата домаќин, одржување, воена мобилност и надополнување и прераспределба на залихите и најважно тоа вклучува повеќе колективни одбранбени вежби и обука, истакна Бауер. 

Тој потенцира дека ова заседание на Комитетот се одржува во време кога меѓународниот поредок заснован на правила е под силен притисок и кога луѓето, како ширум светот, така и во земјите членки на НАТО, се повеќе се поделени и кога се зголемуваат нивоата на закани. 

- Затоа, од клучно значење е ние, военото раководство на НАТО, да продолжиме да се грижиме дека мажите и жените во униформи кои служат на нашата Алијанса го имаат она што им е потребно за да го заштитат сето она што ни е скапоцено. Заедно, штитиме многу повеќе од физичката безбедност. Ние ги штитиме слободата, демократијата и суверените права на народите и луѓето сами да си ја одредуваат судбината, додаде Бауер. 

Според него, Алијансата тоа го постигнува со компромиси, заедништво и со „ставањето на ние пред јас“, бидејќи колективната одбрана започнува дома и силната национална одбрана е клучен дел од придонесот во меѓународната одбрана, согласно поставеноста „сите за еден, еден за сите“. 

- Нашите украински браќа и сестри во униформи водат војна од невидени размери, на непозната доктринарна територија. Историските книги ќе покажат: Украина го трансформираше модерното војување. И секој ден оди напред. Секој успех е чекор поблиску до победа. Во меѓувреме, руските вооружени сили продолжуваат да губат се повеќе територија и цела Русија страда под влијание на економските санкции и дипломатската изолација. Русија е принудена да соработува со несигурни актери, станувајќи се позависна, а руското раководство сепак се уште верува дека ќе ја урне колективната решителност на украинскиот народ и сите оние кои стојат со него, додаде Бауер. 

Тој истакна руската машинерија за дезинформација се обидува да поттикне незадоволство и поделби во западните демократии, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин правел обиди да го подели НАТО.  

- А сепак тука стоиме пообединети од кога било досега. Обединети во нашето уверување дека владеењето на правото важи за сите. Дека конфликтите треба да се решаваат во судницата, а не на бојното поле. А тука и самоопределувањето е неотуѓиво право. Од првиот до последниот ден на руската војна против Украина и многу многу години потоа, ќе ја поддржуваме Украина во нејзиниот вистински избор за слобода и демократија. И ние ќе стоиме заедно да го заштитиме сето она што ни е вредно, истакна Бауер. 

Тој нагласи дека воената професија носи огромни можности, но бара и огромни жртви, па затоа во име на Воениот комитет им изрази благодарност и почит на сите „мажи и жените кои служат во нашата Алијанса“.  

- Им благодариме за нивната храброст, нивната професионалност и нивната посветеност. Би сакал да се потсетиме на мажите и жените кои ја платија крајната цена за нашата слобода. И сите оние кои се соочуваат со физичките и менталните последици од времето минато во служба. Ја почитуваме нивната жртва. Ја почитуваме нивната храброст, нагласи на крајот од обраќањето Бауер, повикувајќи ги присутните на собирот со едноминутен молк да им оддадат почит на жртвите. 

Началникот на Генералштабот на норвешките Вооружени сили, генерал Еирик Кристоферсен, кој е и домаќин на Конференцијата, во обраќањето изрази задоволство што на овој собир на Воениот комитет на НАТО се присутни и претставници на Финска и Шведска.  

- Интеграцијата на сите нордиски земји во НАТО е добра за Норвешка и нашите соседни земји и за зајакнувањето на НАТО. Во годините што доаѓаат заедно ќе развиеме нови начини за одбрана и одвраќање на северното крило на НАТО, рече Кристоферсен. 

Тој нагласи дека оваа средба се одржува во време на војна кога „нашите украински пријатели“ се борат за својата татковина, слобода, демократија и мир, како вредностите што ги споделуваат сите членки на НАТО. 

- Има една норвешка изрека „Никогаш повеќе 9 април“. Норвешка беше нападната од силите на Хитлер на 9 април 1940 година. Нападот не изненади и тогаш научивме две важни лекции. Прво, мирот, слободата и демократијата никогаш не треба да се земаат здраво за готово и, второ, потребни се пријатели и сојузници за да може да се возврати и да обезбеди мир. Сојузниците се многу повеќе од пријатели, нешто што е очигледно во НАТО, рече Кристоферсен. 

Тој нагласи дека денес НАТО е пообединет од кога било досега, потенцирајќи дека иако Русија сакаше да „забие клин“ во Алијанса, напаѓајќи ја Украина и меѓународниот светски поредок заснован на правила, го постигна спротивното. 

- Во Норвешка секогаш ставаме акцент на важноста на волјата на народот да се брани. Токму тоа го гледаме како го прави украинскиот народ во моментов. И ние стоиме на страната на нашите украински пријатели. Во текот на последните две години, Воениот комитет одигра многу важна улога во воениот одговор на НАТО на рускиот напад врз Украина, додаде Кристоферсен. 

Пред присутните се обрати и норвешкиот министер за одбрана Бјорн Арилд Грам кој нагласи дека за Норвешка клучни теми се улогата на НАТО на Далечниот Север, споделувањето на товарот на одбраната, трансформацијата на Алијансата, зачленувањето на Шведска и поддршката за Украина. 

- НАТО е камен-темелник во безбедносната политика на Норвешка денес, како што е од нејзиното основање и Норвешка активно учество во обликувањето на стратегијата на НАТО низ целата Алијанса. Релевантноста на Далечниот Север постојано се зголемува, како место на глобалната конкуренција. Голем дел од руските нуклеарни капацитети се наоѓаат на полуостровот Кола. 

Огромното количество природни ресурси на Далечниот Север е важно за сите нас. Ние споделуваме заедничка одговорност да ги искористиме и зачуваме овие ресурси не само за нас, туку и за идните генерации, нагласи Грам. 

Тој се осврна и на потребата од колективни напори за модернизација на одбраната и ја нагласи посветеноста на Норвешка да ја оствари заложбата за издвојување на најмалку два отсто од својот бруто домашен производ за одбранбените трошоци. 

- Ние, како сојузници, стоиме цврсто заедно во поддршката на Украина против руската агресија. 

Руската инвазија на Украина мора да пропадне. Тоа е важно за украинската и европската безбедност. НАТО мора да продолжи да стои зад Украина, спротивставувајќи се на руската агресија во која било форма, истакна Грам. 

Според него, од клучно значење за безбедноста е зачленувањето на Шведска во НАТО. 

- Време е. Доволно долго чекавме. Тоа е клучно за шведската безбедност, за нордиската безбедност и ќе ја зајакне безбедноста на НАТО како целина. Здружување на нордиските земји во НАТО, ќе биде од корист за цела Европа, заклучи норвешкиот министер за одбрана. 

Тридневната Конференција на Воениот комитет на НАТО свечено беше отворена синоќа, а денеска се одржува нејзиниот работен дел. Како што соопшти НАТО, на Конференцијата учесниците ќе ги разгледаат одлуките донесени од шефовите на држави или влади на Самитот во Вилнус во јули годинава насочени кон зајакнување на одбраната и одвраќањето на долг рок, во сите домени и против сите закани и предизвици. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан