• среда, 27 ноември 2024

Бауер за МИА: Со пристапувањето на Финска и Шведска 96 отсто од луѓето во ЕУ се заштитени од НАТО

Бауер за МИА: Со пристапувањето на Финска и Шведска 96 отсто од луѓето во ЕУ се заштитени од НАТО

Скопје, 9 септември 2023 (МИА) - Со пристапувањето на Финска и Шведска, 96 отсто од луѓето во Европската Унија се заштитени од НАТО, вели во интервју за МИА претседавачот на Воениот комитет на Алијансата, адмиралот Роб Бауер.

На прашањето колку за стабилноста на регионот освен членството во НАТО е важно и членството во ЕУ, имајќи ги предвид актуелните геополитички случувања, Бауер напоменува дека нема предуслов да се биде член на двете организации и дека фокусот на НАТО е на физичката безбедност на земјите, но сè повеќе земји на ЕУ се исто така членки и на Алијансата, а некои од државите кои се само членки на НАТО се стремат да станат и членки на Унијата.

-Нашиот фокус е на физичката безбедност на земјите. За тоа е Алијансата, одбрана на Алијансата. Има одреден број земји во Алијансата кои се членки и на НАТО и на ЕУ, а има и одреден број на земји кои се само членки на НАТО. И затоа не е предуслов да се биде член и на двете организации. Со приемот на Финска и Шведска на пример, гледаме дека сè повеќе земји на ЕУ се исто така членки и на Алијансата, а некои од државите кои се само членки на НАТО се стремат да станат и членки на ЕУ. И тоа е пред сè политичка дискусија меѓу земјите во ЕУ, за да им се дозволи на другите земји да се приклучат. Значи, тоа е политичка дискусија во која не би сакал да се вклучам. Но, добро е да се разбере на пример еден интересен факт, дека со пристапувањето на Финска и Шведска, 96 отсто од луѓето во ЕУ се заштитени од НАТО, истакнува Бауер во интервјуто.

Првиот човек на Воениот комитет на НАТО, кој на почетокот на оваа недела беше во посета на земјава во интервјуто за МИА говори за пораките кои ги испратил на средбите со високите државни и воени претставници, за процесот на хармонизација со НАТО стандарите, кој како што посочи не завршува со приемот, туку е постојан и динамичен. 

-Вооружените сили треба постојано да се прилагодуваат врз основа на развојот на заканата, тоа е она што мора да го направите и ова секогаш бара време бидејќи постојат различни начини на функционирање, можеби има потреба од различна опрема и способности. На пример, огромниот број на дронови што се користат во војна, како што е тоа случајот со Украина, претставува голема промена, нагласува Бауер.

Во однос на оценката за вооружените сили на земјава, Бауер вели дека Северна Македонија направила големи чекори и оти има голем напредок во изминатите три години.

-Северна Македонија веќе беше партнер 25 години па така чекорот од долгорочен партнер што функционираше заедно со нас, во Авганистан на пример, многу помогна во подготовката на вашата земја за НАТО. Секако, кога веќе ќе станете членка, станува уште поважно да се биде интероперабилни и да се работи согласно договорите што ги имаме меѓу нас. Мислам дека Северна Македонија многу напредуваше во последните три години. Го гледаме тоа бидејќи Северна Македонија учествува во три борбени групи во Летонија, Романија и Бугарија, Северна Македонија го зголемува своето учество во мисијата на Косово - КФОР, Северна Македонија е присутна во Ирак, односно има многу мисии и операции каде Северна Македонија се јавува како членка на НАТО и е целосно усогласена со остатокот од Алијансата, вели Бауер.

Првиот човек на Воениот комитет на НАТО говори и за трошоците за одбраната, согласно одлуката од последниот Самит во Вилнус секоја членка да издвојува минимум два отсто од буџетот за таа намена, за модернизацијата на армиите, за кибер безбедноста, пропагандата и дезинформациите, за состојбата во Украина.

Во продолжение следува целото интервју со претседавачот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер со видео материјал:

Адмирале Бауер во посета сте на Северна Македонија, остваривте повеќе средби со високи државни и воени преставници, која беше вашата главна порака?

-Главната порака беше дека на последниот самит во Вилнус каде се сретнаа лидерите на 31 земја беа донесени многу важни одлуки околу буџетот и минималниот праг од два проценти, за регионалните планови што всушност претставуваат воени планови, каде се објаснува кои способности се потребни, колку луѓе се потребни, што треба да направиме за справување со двете закани - Русија и терористичките групи, каков вид на контрола и команда ни е потребна. Сите овие одлуки беа донесени, но само на хартија. Следната фаза е особено важна, а тоа е да се осигураме дека овие планови ќе бидат извршени, со цел за две-три години да бидеме во можност да го спроведеме она што е договорено во нив, односно да се справиме со овие две закани од сите аспекти, во сите региони, со потребниот број на луѓе, потребните способности, потребните залихи и сите други потребни работи.

Северна Македонија е веќе членка на НАТО, но процесот на хармонизирање со НАТО – стандардите не е целосно завршен. Каква е вашата оценка за тој процес, каде сме понапред, а каде треба повеќе работа?

-Важно е луѓето да разберат дека стандардизацијата и интероперабилноста се работи што никогаш немаат крај. Зошто? Затоа што, на пример, научивме лекции од војната во Украина, дека ќе треба да промениме одредени работи и начинот на кој ги правиме работите поради она што го гледаме дека се случува во Украина. Не сите работи, но одредени работи што се однесуваат на НАТО доколку би биле во конфликт со Русија. Вооружените сили треба постојано да се прилагодуваат врз основа на развојот на заканата, тоа е она што мора да го направите и ова секогаш бара време бидејќи постојат различни начини на функционирање, можеби има потреба од различна опрема и способности. На пример, огромниот број на дронови што се користат во војна, како што е тоа случајот со Украина, претставува голема промена. Тоа значи нешто во однос на тоа како функционираме но исто така и во однос на заканата по нас доколку има многу дронови насочени против нас, како да се справите со тоа, но и како да функционирате кога имате многу дронови во вашето воздухопловство. Тоа е постојана борба и со технолошките промени, промените во функционирањето на непријателот, тоа е континуиран процес. 

Каква е вашата проценка за македонските сили?

-Северна Македонија направи големи чекори бидејќи гледаме огромен напредок во вооружените сили во последните три години. Северна Македонија веќе беше партнер 25 години па така чекорот од долгорочен партнер што функционираше заедно со нас, во Авганистан на пример, многу помогна во подготовката на вашата земја за НАТО. Секако, кога веќе ќе станете членка, станува уште поважно да се биде интероперабилни и да се работи согласно договорите што ги имаме меѓу нас. Мислам дека Северна Македонија многу напредуваше во последните три години. Го гледаме тоа бидејќи Северна Македонија учествува во три борбени групи во Летонија, Романија и Бугарија, Северна Македонија го зголемува своето учество во мисијата на Косово - КФОР, Северна Македонија е присутна во Ирак, односно има многу мисии и операции каде Северна Македонија се јавува како членка на НАТО и е целосно усогласена со остатокот од Алијансата.

Модернизацијата на Армијата е еден од приоритетите на надлежните во земјава. Северна Македонија наместо препорачаните 20 отсто од буџетот веќе одвојува над 30 отсто за оваа цел. Кое е Вашето мислење за текот на процесот на модернизација на силите?

-Она што го договоривме е минимум два отсто од БДП да се троши на одбраната, минимум 20 отсто на инвестиции. Може да има потреба, како што е сега случајот со Северна Македонија, да се троши уште повеќе поради потребата од нова опрема: за вооружените копнени сили, за хеликоптери, за транспорт на луѓе, инфраструктура. Потребни се многу инвестиции и има многу земји на кои им се потребни инвестиции. Мислам дека сега постои тренд во НАТО поради фактот што не сме инвестирале многу долго, дека се потребни многу инвестиции за обновување на опремата, со цел да бидеме во тек со сите технолошки промени и со барањата што се поврзани со регионалните планови за кои претходно зборував.

На последниот самит на НАТО во Вилнус беше договорено секоја членка да одвојува минимум два отсто за одбраната, земјава планира следната година да ги достигне тие два отсто, во моментот тој процент изнесува 1,85 отсто. Тоа се средства од буџетот, кои се одлеваат во НАТО, колку влогот се исплатува и што македонските граѓани добиваат за возврат?

-Тоа е нешто што многу често го слушам и недоразбирање е дека парите се одлеваат во НАТО. Всушност, тоа е инвестиција во вашите сили и во вашата безбедност. Не се тоа пари што ги добиваме во седиштето во Брисел и ќе ги трошиме на работи таму, не. Само многу мала сума пари всушност оди во она што го нарекуваме заедничко финансирање. Минатата година, таа сума беше 0,25% од сите буџети заедно што ги одвојуваат земјите, од сите 31 членки. Тоа е многу мала сума од сето што се одвојува. Поголемиот дел од парите се трошат во вашата земја, за да ги подобрите вашите вооружени сили, да станете поподготвени, да станете поспособни за всушност да ги извршувате сите неопходни задачи. Значи, не се пари што одат во НАТО. Парите одат за безбедноста на Северна Македонија. И да, земјите со години не одвојуваа доволно пари за својата безбедност и одбрана и тоа е промената што се случува сега. Има голем број земји кои велат - всушност ни треба повеќе од 2 отсто, но консензусот, договорот беше минимум 2 отсто, што е голема промена од она што беше договорено во Велс во 2014 година, каде што земјите се согласија да се движиме кон 2 отсто. Оваа година 11 земји одвојуваат 2 проценти или повеќе, така што има уште многу земји кои треба да ги достигнат тие 2 отсто. Но, според моите информации околу проекциите за 2024 година, таа бројка ќе се зголеми следната година. Мислам дека ќе го зголемиме бројот на земји што ќе ги надминат тие 2 отсто, првенствено не поради таа бројка, туку затоа што е неопходно да се подобри одбраната на нашите земји.

НАТО е гарант за стабилноста, почитување на постоечките граници, на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите. Сепак идеите за големи држави не го напуштаат регионот, тие се изнесуваат и од високи носители на јавни функции. Колку ваквите настапи ги сметате за реална опасност за стабилноста на Западен Балкан?

-Дури и да станува збор само за реторика, мислам дека тоа не е мудро затоа што ги прави луѓето нервозни. Само по себе предизвикува нестабилност затоа што луѓето стануваат нервозни и несигурни слушајќи ги сите овие различни приказни. Она што е важно за нашата Алијанса е дека поддржуваме многу работи. Една од нив е идејата за суверенитет, идејата за меѓународно признати граници, идејата дека една земја е одговорна и способна да размислува за сопствената иднина и сопствената судбина и секако владеењето на правото. Тоа се четирите работи кои се клучни во нашата Алијанса кога станува збор за тоа како се однесуваме едни со други, и мислам дека тоа е до членките, начинот на кој разговараме и решаваме прашања. Затоа што и во нашата Алијанса може да се случи да има расправии, може да има и спорови, но тоа е причината зошто ние сè уште можеме да ги решаваме сите овие работи, бидејќи се придржуваме до тие четири многу важни правила и вредности. Ако другите земји не го прават тоа, а ние сме вклучени во тие земји преку операции, на пример, надвор од нашата област на одговорност, тогаш секако зависи од самите тие земји дали ќе помогнат да се врати стабилноста. Прво и основно, не зависи од никој друг освен од самите земји да ги решаваат овие прашања и да се погрижат да живеат во мир, заедно. Затоа што тоа е најчесто во интерес на граѓаните во тие земји.

На членството во НАТО се гледа како на гаранција за стабилноста, но колку и членството во ЕУ е важно во тој пакет, како за Северна Македонија, така и за регионот на Западен Балкан и што според Вас би значело останување надвор од ЕУ во сегашните геополитички околности?

-НАТО не е гарант за сè. Во таа смисла, сè уште има низа работи каде НАТО првенствено не се фокусира. Нашиот фокус е на физичката безбедност на земјите. За тоа е Алијансата, одбрана на Алијансата. Има одреден број земји во Алијансата кои се членки и на НАТО и на ЕУ, а има и одреден број на земји кои се само членки на НАТО. И затоа не е предуслов да се биде член и на двете организации. Со приемот на Финска и Шведска на пример, гледаме дека сè повеќе земји на ЕУ се исто така членки и на Алијансата, а некои од државите кои се само членки на НАТО се стремат да станат и членки на ЕУ. И тоа е пред сè политичка дискусија меѓу земјите во ЕУ, за да им се дозволи на другите земји да се приклучат. Значи, тоа е политичка дискусија во која не би сакал да се вклучам. Но, добро е да се разбере на пример еден интересен факт, дека со пристапувањето на Финска и Шведска, 96 отсто од луѓето во ЕУ се заштитени од НАТО.

Колку Северна Македонија, но и регионот се е мета на кибер напади, пропаганда, лажни вести?

-Можеби јас не сум вистинскиот човек за ова прашање бидејќи не сум Македонец. Она што е важно е дека доколку една земја е нападната, на пример со кибер напад, тогаш е нејзина должност да го информира НАТО за тоа. Имаме договор во НАТО, но можно е кибер закани да доведат до активирање на Член 5, каде напад врз една е напад врз сите земји. Ова е интересна политичка одлука, но истото важи и за физички напад врз една држава. Останатите земји ќе го известат НАТО за тоа што се случило и НАТО ќе одговори. Сè започнува од самите држави, а во самиот договор го има и членот 5 кој гласи „Напад врз еден е напад врз сите“, а исто така и членот 3 кој вели дека, пред сè „Секоја држава е одговорна за својата одбрана“. Но, во случај на напад, останатите земји ќе пружат помош. Во ситуација со кибер закани, самите држави одлучуваат дали им треба помош или не. Во голем број случаи НАТО има пратено експерти во Северна Македонија да ѝ помогнат со проблемот. НАТО нуди помош само на барање на Северна Македонија или други држави. Гледаме дека генерално дезинформациите и кибер заканите стануваат се почести. Дури и Алијансата е редовно подложна на кибер закани, како и многуте други држави, што претставува голем проблем и она што НАТО може да го направи е да ѝ помогне на Северна Македонија како да стане помалку ранлива на тие напади.

Постои стравување дека војната во Украина може да стане замрзнат конфликт. На денот на независноста на Украина, 24 август објавивте твит во кој ја поздравувате храброста на украинските вооружени сили, додавајќи дека Украина е на патот на победата. На што се должи овој оптимизам?

-Многу вести и луѓе негативно зборуваат за офанзивата. Дека не се одвива доволно брзо или соодветно на очекувањата, но она што луѓето мора да разберат дека е премногу опасно и тешко. Станува збор за мински полиња долги 10 километри со пет до шест мини на секој квадратен метар. Вака изгледа предизвикот, со кој се соочуваат Украинците. На пример, благодарение на огромната количина на дронови кои ги има Русија, тие имаат чиста слика на бојното поле долж фронтот и кога Украина употребуваше возила за отстранување мини веднаш ги уништија. Така, Украинците беа принудени да изнајдат друга тактика - да ползат и така да ги отстрануваат мините, движејќи се само напред низ опасни и тешки предели. Секој ден напредуваат по 300 метри, не напред и назад, туку само напред по 300 метри. Тоа е загуба од 300 метри за Русија. Така што ако јас кажам дека Украина губи од Русија, значи дека тие дневно губат по 300 метри. Русите немаат никакви придобивки, само Украинците. Можеби побавно отколку што сакаат, но станува збор за крајно опасна и тешка ситуација. Затоа, единствено нешто што треба да направиме е да продолжиме да ги поддржуваме и да не ги омаложуваме бидејќи никој подобро не ја разбира ситуацијата отколку самите Украинци.

Ќе кажете „во време на промени на политичката моќ и растечките комплексни безбедносни закани, цврсто сум уверен дека силата на Северноатлантската алијанса е во нејзината кохезија“, од друга страна неодамна францускиот претседател Макрон повика на зајакнување на технолошката автономија и безбедносната независноста на Европа, колку овој концепт е во прилог на НАТО кохезијата која ја барате?

-Не сметам дека едната изјава ја негира другата или дека тоа што јас го напоменав - единството е спротивно на изјавата од францускиот претседател Макрон дека Европа треба да има поголема слобода во технолошко индустриската зона. Причината за тоа е дека гледано од политичка страна, индустријата во Европа мора да се развива, бидејќи можностите за производство на Алијансата и западниот свет не се доволно големи за потребите. На Европа и САД им треба поголема одбранбена индустрија, поголем производствен капацитет за потребите на муниција и вооружени системи. Тоа не е нешто што ќе се реши во наредните две години, туку за пет, десет, дури и повеќе години. Со таа изјава – не сум француски политичар – но начинот на кој ја толкувам е дека францускиот претседател бара од ЕУ да направи нешто повеќе за да ја подобри технолошко индустриската зона и верувам дека тоа не го исклучува единството во Алијансата, бидејќи јас зборувам за единство во поглед на вредностите и тоа како одговараме во ситуација како таа во Украина. Единството беше изненадување за многу луѓе. Единството на Алијансата секако беше изненадување за господинот Путин. Исто и единството на ЕУ, помеѓу НАТО и ЕУ, што овозможи брзи одлуки за санкции и нашиот одговор на инвазијата. Мислам дека овие две изјави не се спротивни една на друга, туку дека и двете се точни.

Ана Цветковска

Фото: Дарко Попов

Видео и монтажа: Андреј Бранковиќ, Аслан Вишко

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан