• среда, 25 декември 2024

Барние ги почнува консултациите со партиите од центарот и десницата

Барние ги почнува консултациите со партиите од центарот и десницата

Париз, 10 септември 2024 (МИА) - Новоименуваниот француски премиер Мишел Барние денеска ќе започне разговори со пратеничките групи на центарот и десницата, кои досега не му дадоа целосна поддршка, а прво ќе разговара со пратениците кои го поддржуваат францускиот претседател Емануел Макрон.

Барние вечерва во 19 часот треба да започне разговори со пратениците од коалицијата Заедно за Републиката и со нивните колеги сенатори, пренесува „Фигаро“. Ова ќе биде првиот тест за Барние, кој треба да обезбеди доволно поддршка во Парламентот пред битката за буџетот, оценува парискиот весник.

Барние денеска ќе има разговори и со министрите за земјоделство и за надворешни работи од поранешната влада, Марко Фесно и Стефано Сежурне, како и со центристичкиот претставник во Сенатот Ерве Марсељ. Барние, кој беше назначен за премиер во четвртокот, ги продолжува консултациите за формирање нова влада.

Социјалистот Жером Геџ смета дека „центарот на гравитација на новата влада неизбежно ќе биде Републиканската партија“. Иако Барние изрази намера да назначи левичарски претставници во составот на новиот тим, Геџ одбива да биде дел од таква влада.

Во своето прво интервју, Барние најави дека неговата влада, на која и недостига јасно мнозинство, ќе вклучи конзервативци, членови на таборот на Макрон и, како што изрази надеж, некои левичари. Левицата, предводена од крајно левичарската партија „Непокопрена Франција“ (ЛФИ), го обвини Макрон за негирање на демократијата и кражба на изборите, откако францускиот претседател одби да го избере кандидатот на Новиот народен фронт (НФП) кој освои најмногу гласови на изборите во јули. НФП и екстремно десничарскиот Национален собир (РН) заедно имаат мнозинство и би можеле да го соборат премиерот со гласање недоверба доколку одлучат да соработуваат. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан