• среда, 25 декември 2024

Барди двоен стрелец, Елмас асистент

Барди двоен стрелец, Елмас асистент
Барселона, 29 октомври 2021 (МИА) – Македонските фудбалски репрезентативци Енис Барди и Елиф Елмас имаа синоќа забележителни настапи за своите тимови во шпанското и италијанското првенство. Во рамки на 11. коло во шпанската Ла Лига, екипата на Леванте одигра нерешено 2-2 против актуелниот шампион Атлетико Мадрид, а двоен стрелец за домашната екипа беше Барди. Македонскиот репрезентативец прво во 37. минута го израмни резултатот на 1-1 со прецизен удар од белата точка, а на идентичен начин во 90. минута Барди му донесе бод на својот тим против фаворитот. Леванте се уште е без победа во новата сезона и со ефект од шест нерешени и пет порази е последнопласиран на табелата. Наполи во Серија А се искачи на лидерското место, откако на домашен терен убедливо ја совлада Болоња со 3-0 во 10. коло. Водството на Наполи му го донесе Фабиан Руиз во 18. минута на асистенција на Елмас, по што Лоренцо Инсиње со два гола од пенал (41., 62.) го постави конечниот резултат. Наполи е првопласиран со ист број бодови како и вториот Милан (28), седум повеќе од актуелниот шампион Интер на третото место. ег/вг/

Остани поврзан