Балтичките држави протераа вкупно 10 руски дипломати
- Естонија, Летонија и Литванија протераа 10 руски дипломати, соопштија денеска министрите за надворешни работи на трите балтички земји
![Балтичките држави протераа вкупно 10 руски дипломати](https://new.mia.mk/index.php/images/20221112151553_big_730x400_73.webp )
Рига, 18 март 2022 (МИА) - Естонија, Летонија и Литванија протераа 10 руски дипломати, соопштија денеска министрите за надворешни работи на трите балтички земји.
Литванија протера четворица, а Летонија и Естонија по тројца руски дипломати.
Дипломатите беа протерани во координиран потег, поради активности што се спротивни на нивниот дипломатски статус, но и земајќи ја предвид руската агресија врз Украина, објави на Твитер летонскиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевикс.
Естонското Министерство за надворешни работи соопшти дека протерани тројца дипломати затоа што „директно и активно ја поткопувале естонската безбедност и ширеле пропаганда, според која е оправдана руската воена акција“, соопшти Министерството за надворешни работи во Талин.
Литванија наведе дека протерувањата биле извршени како знак на солидарност со Украина. ми/