• четврток, 26 декември 2024

„Балкански поток“ комплетен - Србија и Унгарија ги поврзаа цевките

„Балкански поток“ комплетен - Србија и Унгарија ги поврзаа цевките
Белград, 4 јули 2021 (МИА) - Jавното претпријатие „Србијагас“ и унгарската компанија ФГСЗ на границата со Унгарија денеска го поврзаа гасоводот Балкански поток, преку кој во иднина гасот од Турција преку Бугарија и Србија ќе стигне до Централна Европа, јави дописникот на МИА од Белград. Завршен е комплетниот линиски дел од турскиот брег, преку територијата на Турција, Бугарија и Србија, до влезот во Унгарија, што ќе овозможи капацитетот на излезот од Црното Море од 15,75 милијарди кубни метри гас да се користи низ цела Централна Европа. Душан Бајатовиќ, генерален директор на „Србијагас“, изјави дека на овој начин се става крај на долгорочната голема работа со која Србија конечно го реши прашањето за снабдување со гас од друга насока, а не само преку Украина. Целокупната траса од Црното Море по должината на турската територија е 130 километри, потоа 498 километри и припаѓаат на Бугарија, а 403 километри на Србија, додека од Хоргош до Варошфелд во Унгарија, должината на гасоводот изнесува околу 85 километри. Годишниот капацитет на гасоводот што поминува низ Србија е околу 13 милијарди кубни метри. Дијаметарот на гасоводот е 1.200 mm, а максималниот притисок е 75 бара. Првите количини транзитен гас низ Србија за Централна Европа започнуваат на 1 октомври, јави РТС. об/паг/

Остани поврзан