• недела, 17 ноември 2024

Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“

Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“

Охрид, 24 август 2023 (МИА) – Млади поети од земјава и од Србија, Бугарија, Грција, Албанија и Црна Гора ќе бидат дел од петтиот Балкански поетски Камп за млади „Ванчо Николески“, манифестација што се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, а со поддршка на Министерството за култура и општините Охрид и Дебрца.

Тридневната манифестација ќе се одржува во Охрид, Струга, Вевчани, Белчишта и родното место на Николески – селото Црвена Вода, во атарот на Општина Дебрца.

Поетските работилници за учесниците  оваа година ќе ги води проф. д-р Милутин Ѓуричковиќ, истакнат српски поет, идеен творец, основач и претседател на Институтот за детска литература во Белград, член на Европската академија на науките и уметностите.

„Учесниците ќе ја посетат и Општина Вевчани, местото на повеќевековниот уличен Карневал на маски, со разглед на вевчанските извори и Спомен-куќата на таткото на глобализацијата Михајло Пупин. Во Охрид ќе ги разгледаат најзначајините споменици на македонската историја и култура и ќе го посетат Музејот на холандскиот писател А. Ден Долард, каде ќе читаат свои творби. Последниот ден во Белчишта ќе ја посетат Галеријата од дела на учесници на Ликовната колонија „Дебрца“. Во селото Црвена Вода, родно место на поетот Ванчо Николески, мештаните им подготвуваат селска трпеза, а ќе ја посетаат родната куќа и Спомен собата на писателот“, информираат организаторите.

Учесниците ќе можат да проследат дел од манифестациите на светскиот поетски фестивал – Струшките вечери на поезијата. аб/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан