• четврток, 26 декември 2024

Балкански Либерали за нон-пејперот: Ковид-кризата во регионот и ЕУ плодна почва за опасни националистички идеи за прецртување на границите

Балкански Либерали за нон-пејперот: Ковид-кризата во регионот и ЕУ плодна почва за опасни националистички идеи за прецртување на границите

Брисел, 17 април 2021 (МИА) - Поранешната министерска за надворешни работи на Хрватска, Весна Пусиќ, заедно со поранешниот министер за одбрана на Словенија, Роман Јакич, претседателот на босанската Наша Партија Предраг Којовиќ и поранешниот македонски државен секретар за надворешни, Емил Кирјас, изутринава одржаа прес-конференција во која побараа експресна остра осуда од цела Европска Унија за идеите за прекројување на границите на Западниот Балкан, што циркулираат заедно со наводниот нон пејпер на Јанез Јанша, јави дописничката на МИА од Брисел.

Вакуумот во регионот создаден делумно од кризата со Ковид-19 и претстојната длабока рецесија во ЕУ се плодна почва за опасни националистички идеи за прецртување на границите и под итно мораат да бидат сопрени, повика Емил Кирјас.

Нејасно е зошто овој нон-пејпер циркулира сега, кој е негов автор, дали е пробен балон, но прашањата што ги отвори се во спротивност со сите вредности и принципи на ЕУ, сметаат Либералите во регионот.

За поранешниот министер за одбрана на Словенија, Роман Јакич, овој документ, според неговите информации е примен во ЕУ во февруари, но не се знае кој го напишал и е во целосна противречност со надворешната политика на Словенија.

-Ова е направено по мера на националистичките кругови, порача Јакич и потсети дека самиот американски државен секретар, Ентони Блинкен, сугерираше во март дека идеи за прекројување на границите се шират и разгледуваат интензивно.

За опасноста на овие идеи се огласи и поранешната шефица на хрватската дипломатија, Весна Пусиќ, која изрази посебно загриженост за содржината на нон пејперот поврзана за наводен „есктремистички исламизам“ во Босна и Херцеговина.

-Ова не е вистина, Босна и Херцеговина е пример за европски Ислам, но ова може да се претвори во самореализирачко пророштво во ваков пристап, рече таа.

Пример за тоа е изјавата на францускиот претседател пред повеќе од една година во која тој рече дека Босна и Херцеговина е темпирана бомба за тероризам.

-Концептот на Макрон за исламистичкиот екстремизам е силен доказ сам по себе колку е опасно за самата Европа да се шират митови, кога Макрон го повторува овој мит сервиран повторно и повторно од политичари, како Додик и Човиќ, може да почне да се третира како фактот, затоа е важно да се вклучи Франција посилно во европското справување со западен Балкан, изјави Пусиќ.

Таа повика на претстојниот Совет за надворешни работи на ЕУ министрите силно да ја потврдат ЕУ перспективата за Западниот Балкан и да инсистираат дека прекројувањето на границите не доаѓа предвид.

За потсетување Европскиот Совет, каде е испратен наводниот нон пејпер, сѐ уште ниту потврдил ниту го демантирал неговото постоење, оставајќи простор за секакви шпекулации.

-Кој и да го напишал веќе си ја исполнил целта, за прв гледаме поделена Босна и Херцеговина, ампутирана Северна Македонија и Косово како дел од Албанија, она што беше незамисливо до пред една недела сега е во умовите на луѓето, и тоа беше целта, кој и да го напишал ова го посади семето на ѓаволот, изјави Пусиќ.

Поранешниот државен секретар за надворешни работи на Северна Македонија, Емил Кирјас, ја искористи приликата да потсети дека до неодамна вакви идеи се ширеа и во соседна Бугарија, поточно од министерот за одбрана кој циркулираше мапа за Голема Бугарија и предупреди од опасноста од вакви концепти во земји членки на НАТО.

Запрашан дали мисли дека поради овие идеи се создаде плодна почва за Бугарија непречено да ја блокира Северна Македонија, Кирјас одговори дека не може да се знае кој кого „охрабрил“ но дека е важно да се забележи врската помеѓу наративите и идеите.

-Некои од историските соништа за големи држави сѐ уште не исчезнале од политичката арена, ова е многу загрижувачко прашање, и не е коинциденција што САД, Европската Комисија и Германија реагираа. Но исто така сега треба и разузнавачките служби на ЕУ до крај да истражат кој ги финансира овие идеи, и ако се финансирани од надворешни фактори, има простор за разузнавачките служби и за владите на ЕУ да го изложат тоа, не смее да има нималку сомнеж во умовите на граѓаните дека тој вакуум може да се пополни со романтизмот за прекројување на граници, ова мора да се пресече на одлучен начин веднаш, изјави Кирјас на прес-конференцијата.

Тој изрази загриженост што нема реакција од Бугарија за овие наводи, додека многумина лидери во регионот веќе се огласија. тм/ац/

Остани поврзан