• сабота, 28 декември 2024

Балканот десеткуван од масовната емиграција – француските медиуми го пренесуваат пишувањето на Франс Прес за масовното напуштање на Балканот

Балканот десеткуван од масовната емиграција – француските медиуми го пренесуваат пишувањето на Франс Прес за масовното напуштање на Балканот
Париз, 2 јануари 2022 (МИА) - Со своите напуштени продавници и речиси напуштени улици, малиот град Валандово е како многу градови во Северна Македонија кои младите ги напуштаат во голем број со надеж дека ќе најдат подобар живот во странство, започнува репортажата на Франс Прес, пренесена во голем број на француски медиуми, како Ле Поан, Франс24, Бурсорама итн, посветена на масовната емиграција кон запад, пренесува дописникот на МИА. -Како и другите земји на Балканот, Северна Македонија се бори со алармантен демографски пад, поттикнат од масовната емиграција и стареењето на нејзините жители. Земјата изгуби 10% од населението во изминатите дваесет години, а сега има 1,8 милиони жители, според прелиминарните резултати од септемврискиот попис, 200.000 помалку отколку во последниот попис во 2002 година. Триесет години по независноста на државата, околу 600.000 Македонци живеат во странство, покажуваат податоците на Светска банка и Владата во Скопје. Според АФП, меѓу главните причини за ова иселување се слабиот економскиот раст и недостатокот на инвестиции. -Ако околу четвртина од вашите 2,4 милиони жители си заминале, треба да бидете сериозно загрижени за тоа што се случува, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика. Селата и малите градови, како што е Валандово лоцирано на 146 километри југоисточно од Скопје, нудат малку можности за работа, притискајќи ги амбициозните луѓе да бараат работа на друго место. -Духот на младите е систематски уништен, а нивниот ентузијазам да се борат и да останат дома исчезна, изјави за АФП Перо Костадинов (33 години), неодамна избраниот градоначалник на Валандово. -Пет мои соученици се веќе во странство со своите семејства, додава Бојан Николов (24 години), член на општинскиот младински совет во Валандово, град кој преживува главно од земјоделство. „Подобро да си роб во странство“ По независноста на земјата во 1991 година, многумина се надеваа дека влезот во Европската унија ќе донесе напредок. Но, патот на Северна Македонија кон ЕУ беше систематски блокиран, прво од Грција, а потоа, во поново време, од Бугарија, што предизвикува сомневања за можноста земјата еден ден да се приклучи на блокот 27. За оние кои остануваат во земјава просечната месечна плата од 470 евра едвај ги задоволува основните потреби. -Подобро да си роб за 2.000 евра во странство отколку да си дома за 300 евра, слушаме често низ земјава. Но, Северна Македонија не е сама во оваа ситуација на Балканот, потсетува АФП Во Албанија, околу 1,7 милиони жители, или речиси 37 отсто од населението, ја напуштиле земјата во изминатите 30 години. Во Србија, според проценките, стотици илјади луѓе го обновиле својот живот во странство, вклучително и 10.000 лекари, кои заминале во изминатите две децении. „Поаѓа последниот воз“ А членството во Европската унија не гарантира враќање на овој демографски тренд, нагласува АФП и го дава примерот со Хрватска. Од влезот во ЕУ во 2013 година, населението на Хрватска се намали за речиси 10 отсто и моментално едвај надминува четири милиони, според првите резултати од пописот во 2021 година. Според процените на ОН, до крајот на векот Хрватска би можела да има едвај 2,5 милиони жители. Во декември, Загреб го претстави планот за охрабрување на своите граѓани кои живеат во ЕУ да се вратат во земјата, нудејќи им до 26.000 евра за да им помогне да започнат бизнис. Но, за некои региони, можеби е веќе предоцна, констатира репортерот на АФП. Во централна и источна Хрватска, особено погодена од војната во 1990-тите, емиграцијата беше особено масовна. Во Пожега (исток) и неговата околина, написите „за продажба“ се присутни се повеќе и повеќе. Според официјалните податоци, повеќе од 16 отсто од 80.000 луѓе кои го населуваат овој регион го напуштиле во изминатата деценија. -Во мојата улица третина од куќите се празни, а втора третина ќе биде празна за десет години“, се жали Игор Чанчар (39 години) од селото Брестовац. Меѓу нив и неговата сестра која со сопругот и двете деца заминала во Австрија и повеќето негови блиски пријатели. -Ако сакаме младите да останат, мора да им помогнеме да изградат куќа, да им обезбедиме градинки, вели Игор Чанчар. -Последниот воз тргнува, а ние не правиме ништо освен да останеме на перонот и мавнуваме за збогум, заклучува тој зборови со кои завршува репортажата на АФП за демографскиот егзодус на Балканот. тг/аа/

Остани поврзан