• четврток, 26 декември 2024

Балеарски Острови сакаат да стават крај на „туризмот на пијанчење“

Балеарски Острови сакаат да стават крај на „туризмот на пијанчење“
Палма де Мајорка, 18 јануари 2020 (МИА) - Регионалната влада на Балеарски Острови усвои закон со кој планира да го ограничи „туризмот на пијанчење“ што вклучува забрана за „среќни часови“, отворени барови и ограничена продажба на алкохол во населените зони на шпанскиот остров во Средоземно Море. Новиот закон забранува и „балконинг“, опасна практика која во последните години одзеде дванаесет животи на пијани туристи. „Балконинг“ е прескокнување од една тераса на друга, најчесто во хотели и туристички апартмани или пак скокање од високи тераси во базен. Алкохолни екскурзии, автомати со алкохол, забава на бродови и реклами за алкохол се забранети во местата Плаја де Палма и Магалуф на остров Мајорка, а исто така и во Сан Антонио на островот Ибица. Туристите нема да можат да купуваат алкохол во овие места од 21 часот до осум часот наутро. Тие места се најпопуларни помеѓу британските туристи. Локалната власт соопшти дека Балеарски Острови се први во Европа во борба против туризмот заснован врз ексцеси, и секој што ќе практикува или дозволи „балконинг“ ќе биде исфрлен од хотелот и ќе биде казнет со парична казна до 60.000 евра. ки/ми/

Остани поврзан