• четврток, 26 декември 2024

Баерн нема да потпише со Де Хеа, Тухел стави вето на трансферот

Баерн нема да потпише со Де Хеа, Тухел стави вето на трансферот

Минхен, 17 август 2023 (МИА) - Баерн нема да потпише со Давид Де Хеа, а пропадна трансферот и на Стефан Ортега. Според новинарот на „Скај Спорт Дојчланд“, Флоријан Плетенберг, по преговорите што се водеа синоќа и утринава, договорот за преселба на Ортега од Манчестер сити во Баерн се распаѓа.

 

Главната причина е неподготвеноста на Манчестер сити и Пеп Гвардиола да го пуштат голманот. Тие не сакаат да ангажираат друг заменски голман, иако на клубот во последните часови му беа понудени неколку опции, вклучувајќи го и голманот на Лидс, Илан Мелиер.

 

Баерн сакаше да го земе Ортега на позајмица и му упати конкретна понуда. Тренерот Томас Тухел сакаше да го види во тимот. Стефан сериозно размислувал за оваа опција, но газдите на Баерн не сакаат повеќе да чекаат.

 

Според изворот, Баерн нема да го ангажира ниту Давид Де Хеа, кој е на слободен трансфер по заминувањето од Манчестер јунајтед. Тухел стави вето на неговиот трансфер, особено со оглед на фактот дека враќањето на Мануел Нојер се очекува за неколку недели. Де Хеа сакаше да премине во Баерн, но нема да го ангажираат.

 

Претходно беше објавено дека Баерн ќе ја започне сезоната со Свен Улрајх на голот, бидејќи смета на Нојер наскоро да се врати на терените. Плетенберг ја потврдува оваа информација и пишува дека Улрајх ќе биде главен до враќањето на Нојер. Шефовите на Баерн се задоволни од играта на Свен во претсезоната и имаат целосна доверба во него. зс/

 

Фото: ЕПА

Остани поврзан