Баварскиот премиер, Маркус Зедер, предлага намалување на покраините во Германија од сегашните 16 на 10
- Зедер е убеден дека малите и економски слаби покраини придонесуваат за неефикасноста на државата и дека таа би станала поефикасна со нивно спојување, објави Билд.
Минхен, 15 јануари 2026 (МИА) - Премиерот на Баварија и лидер на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Маркус Зедер предложи намалување на бројот на германски покраини од 16 на 10, со аргумент дека тоа ќе ја направи државата поефикасна.
Зедер е убеден дека малите и економски слаби покраини придонесуваат за неефикасноста на државата и дека таа би станала поефикасна со нивно спојување, објави Билд.
Лидерот на ЦСУ, партија која е активна само во Баварија и е во децениска коалиција со владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ), не кажа конкретно кои покраини треба да се спојат. Неговата идеја е оние што ќе останат по реформата да имаат најмалку три милиони жители секоја.
Во моментов дури осум од 16-те германски покраини имаат помалку жители од проектираната бројка: Шлезвиг-Холштајн, Бремен, Хамбург, Мекленбург-Западна Померанија, Саксонија-Анхалт, Бранденбург, Тирингија и Сар.
Во едно сценарио, помалите покраини би се споиле со поголемите соседни, на пример Бремен со Долна Саксонија или Хамбург со Шлезвиг-Холштајн. На овој начин, би останале десет покраини.
За да се спроведе овој план, Бундестагот мора да усвои закон за територијална реформа, а потоа би се одржале референдуми во покраините каде што би имало промени.сд/јт/
фото: МИА архива