• понеделник, 23 декември 2024

Бабовски по повод Светскиот ден на зоонозите: Да се избегнуваат места со крлежи и комарци, милениците редовно да се третираат против паразити

Бабовски по повод Светскиот ден на зоонозите: Да се избегнуваат места со крлежи и комарци, милениците редовно да се третираат против паразити

Скопје, 6 јули 2023 (МИА) - Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски денеска, по повод 6 Јули - Светскиот ден на зоонозите, апелира граѓаните да не одат боси по трева и да ги одбегнуваат местата каде што има комарци и крлежи, а своите домашни миленици редовно да ги третираат против паразити. 

Бабовски препорачува и храната да се заштити од глодари и да се чува на безбедно место, како и зеленчукот и овошјето темелно да се мијат пред употреба. Да се внимава и да не се пие вода од места каде што постојат индикации дека можеби е загадена со животински измет. Храната термички да се третира, да се одбегнуваат контакти со глодари и нивен секрет. Доколку од околината мора да се отстрани угинато животно, треба да се користат маска и гумени ракавици, а мршата треба претходно да се дезинфицира со средство за дезинфекција, апелира директорот на АХВ.

-Зоонозите се болести на домашните и на дивите животни кои се пренесуваат и на луѓето. Причинители на зоонози се разни видови микроорганизми и тоа вируси, бактерии. паразити, габички и други. Извор на зараза за човекот се домашните и дивите животни, или нивната непосредна средина, доколку е контаминирана со нивни секрети и екскрети, а во одредени случаи и инфицираниот човек, иако тој ретко може да биде извор на зараза. Луѓето може да се инфицираат и преку одредени производи млеко, месо, јајца или суровини - кожи, особено доколку се со непроверено потекло или се добиени од објекти и оператори со храна кои не се одобрени и не се под контрола на надлежен орган. Причинители на зоонози се и инсектите - вектори. Улога на вектори имаат и крлежите, вошките,болвите, комарците како и други инсекти артроподи, наведува Бабовски.

Според него, на зоонози најмногу се изложени луѓе кои работат со животни или работат во производство и преработка на производи кои потекнуваат од животни месо, кожа, волна - сточари, ветеринари, ловџии.

-Домашните животни, поради поголем контакт со луѓето, многу почесто се извор на зараза од дивите животни. Поради ова, домашните миленичиња по препорака и совет на ветеринар да се третираат против паразити. Рацете да се мијат редовно, да не се допираат лицето, областа околу устата и носот со валкани раце, но и граѓаните да не одат боси по трева и да ги одбегнуваат местата каде што има комарци и крлежи. Доколку граѓаните се наоѓаат на место каде што има многу комарци, да носат светла платнена облека со долги ракави и ногавици која ќе го заштити нивното тело од убоди, по прошетка во природа облеката и телото да се прегледаат, порачува директорот на АХВ.

Тој додава и дека ако се забележи крлеж, треба веднаш да се отстрани, но од страна на стручно лице – лекар. мч/аа/

Фото: АХВ

 

 

Остани поврзан