• четврток, 26 декември 2024

Ашбахер: Климатските последици се значително посериозни од економските и енергетските предизвици

Ашбахер: Климатските последици се значително посериозни од економските и енергетските предизвици
Париз, 11 август 2022 (МИА) - Директорот на Европската вселенска агенција (ЕСА), Јозеф Ашбахер, предупредува дека последиците од економската криза предизвикани од проблемите со снабдувањето со енергија би можеле да бидат помали во споредба со последиците од штетите од топлотните бранови и сушата и повика на итна акција во борбата против климатските промени. Според него последователните топлотни бранови, заедно со шумските пожари, пресушувањето на реките и зголемувањето на температурите, не оставаат сомнеж за влијанието што климатските промени ќе го имаат врз земјоделството и другите индустрии. - Денес сме многу загрижени за енергетската криза, и со право, но таа е многу мала во споредба со влијанието на климатските промени, кое е многу поголемо, и навистина треба многу брзо да се справиме со неа. Ситуацијата е прилично лоша. Гледаме екстреми кои претходно не беа забележани, посочи Ашбахер. Според него, високите температури на воздухот не се единствениот проблем, бидејќи и површината на Земјата се загрева. Тој наведе дека сателитите Коперник Сентинел-3 на ЕСА измерила „екстремни“ температури на површината на земјата од повеќе од 45 степени Целзиусови во Велика Британија, 50 степени во Франција и 60 степени во Шпанија во изминатите недели. Температурата на површината на почвата иницира циркулација на воздухот. - Навистина, целиот екосистем се менува многу, многу брзо, многу побрзо отколку што очекуваа научниците до пред неколку години. Суша, пожари, интензитет на бури, сите заедно се видливи знаци на климатските промени, истакна Ашбахер. Тој додаде дека и температурните промени стануваат поизразени, ветровите стануваат посилни и предизвикуваат посилни бури. ми/

Остани поврзан