• четврток, 26 декември 2024

„Ацо Шопов – Невообичаено“ во Кинотека

„Ацо Шопов – Невообичаено“ во Кинотека

Скопје, 23 ноември 2023 (МИА) - Во организација на Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ вечер во Кинотека ќе се одржи настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“.

На настанот, како што е најавено, ќе бидат претставени непознати страници од животот и творештвото на македонскиот класик Ацо Шопов. Ќе бидат промвирани три книги: „Од онаа страна на Небиднината – Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски („Дијалог“), „Ацо Шопов: Песна над песните – Избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот материјал“ од Јасмина Шопова („Сигмапрес“) и „Небиднина – графички омнибус“, од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски („Флип Бук Букс“).

-Првата книга разговори за еден македонски писател водени со неговата сопруга, која неодамна ја објави „Дијалог“ под наслов „Од онаа страна на Небиднината – Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“, ќе ја промовираат Лидија Капушевска-Дракулевска и самиот автор, Иван Антоновски, а извадоци од овие страници кои претставуваат скапоцен влог во книжевната и културната историја на Македонија  ќе читаат Софија Гогова-Врчаковска и Емил Рубен. Доајените на македонската глумечка уметност ќе го преточат напишаниот збор на Шопов во глас, со кој пред публиката ќе заживее „Песна над песните“, избор од стиховите и размислите на нашиот поет, поврзани во еден несекојдневен литературен мозаик, во кој и критиката го има заслуженото место. За новите хоризонти на читање и на толкување што ги отвара оваа книга ќе разговараат Маја Бојаџиевска, главен уредник на Сигмапрес и Јасмина Шопова, која го приреди ова издание, информира Фондацијата.

На настанот ќе бидат прикажани и четирите анимирани филма од омнибусот „Небиднина“, во продукција Флипбук, а присутните ќе може да видат и две изложби: „Патот по кој чекорам“ (УНЕСКО) и „Величенствен поетски мост што ги поврзува сите континенти“ (Струшки вечери на поезијата).

„Ацо Шопов – Невообичаено“ е од отворен карактер, се одржува во рамки на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“ и е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. мч/лв/

фото: Фондација „Ацо Шопов – Поезија“

  

Остани поврзан