• недела, 24 ноември 2024

Ахмети се сретна со норвешката амбасадорка Мелсом, го потврди ангажманот на Пол Вилијамс

Ахмети се сретна со норвешката амбасадорка Мелсом, го потврди ангажманот на Пол Вилијамс

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) -  Политичките случувања во државава и регионот, изборите ште се одржаа на 8 мај, постизборните случувања во Северна Македонија, евроинтеграциите и етничкиот изборен легитимитет биле темите за кои разговарале претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и амбасадорката на Норвешка во Северна Македонија Кристин Мелсом. 

Ахмети, како што информира ДУИ, ја информираше амбасадорката Мелсом за непоколебливиот став на партијата за уставните измени и евроинтеграциите преку почитување на Договорот за добрососедство, Преспанскиот и Охридскиот. Ахмети, како што се наведува, ја истакна важноста на меѓуетничкиот легитимитет на институциите во земјата како резултат на изборниот процес и во согласност со духот на Охридскиот договор.  

- Околностите во Северна Македонија се многу специфични и се регулирани со мировни договори, затоа секое непочитување има последици врз стабилноста и легитимноста на институциите, се вели во соопштението.

Ахмети, како што се наведува во соопштението, ја информираше норвешката амбасадорка за ангажирањето на експертот за право и меѓународни договори Пол Вилијамс, кој е познат и како автор на Охридскиот договор, да подготви платформа за меѓуетничкиот легитимитет на централните и локалните институции врз основа на изборните резултати и духот на Охридскиот договор.

- Во спротивно, причината за учество во изборните процеси на заедниците кај нас се губи доколку нивните претставници се определуваат со диктат од поголемата заедница, како во времето на едноумие, стои во соопштението.

Министерот за здравство Арбен Таравари, кој е дел од Коалицијата „Вреди“, пред неколку дена изјави дека ДУИ минатата недела го ангажирале американецот Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, за да помогне во, како што рече, озаконувањето т.н. Мајски договор за меѓупартиското коалицирање по принципот победник со победник.

На прес-конференција во Собранието координаторот на пратеничката група на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, Блерим Беџети потврди дека Вилијамс го ангажирале со цел да се прецизира со законско или уставно решение начелото за коалицирање „победник со победник“, кое според нив, се содржи во т.н. „Мајски договор“. мд/нд/

Фото: ДУИ 

Остани поврзан