• четврток, 26 декември 2024

АХВ: Раната детекција и брзото пријавување на сомнеж клучни во борбата против чума кај малите преживари

АХВ: Раната детекција и брзото пријавување на сомнеж клучни во борбата против чума кај малите преживари

Скопје, 13 август 2024 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека е воспоставен засилен 24 часовен надзор на сите гранични премини, со акцент на премините кон земјите каде е потврдено присуство на болеста чума кај малите преживари. Остварени се средби и координирани се активностите со Министерството за локална самоуправа, Центарот за управување со кризи и Министерство за одбрана, со цел навремено преземање превентивни мерки за спречување на појава и ширење на болеста во земјава.

Според АХВ, поради порозноста на некои од граничните премини и можното нелегално пренесување на животни од една во друга земја, алармирано е Министерството за внатрешни работи да ги засили контролите во пограничните региони со соседна Грција и со Албанија, со цел спречување на нелегално пренесување на овци и кози, а со тоа и преземање мерки за спречување на евентуален внес на вирусот и ширење на болеста во државава.

-Формирани се стручни тимови од АХВ кои денеска од Гевгелија почнуваат со одржување информативни средби со ветеринарните друштва од неколку погранични региони (Гевгелија, Кавадарци и Битола) за запознавање со епидемиолошката состојба со болеста чума кај малите преживари во регионот и мерките кои треба итно да се преземат со цел спречување на појава и ширење на болеста во државава, најави директорот на АХВ Оливер Миланов на денешниот работен состанок со Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци „Модерен овчар”, упатувајќи апел за блиска соработка на одгледувачите со Агенцијата и ветеринарните друштва во насока на брза детекција на можни сомнителни случаи на болеста. 

Тој ги информира сточарите дека е во тек спроведување активности за рана детекција на болеста во одгледувалиштата на овци и кози на целата територија на државава, но, со акцент на пограничните општини со соседна Грција. Од сите животни кои ќе покажат клинички знаци на болест, ќе се земат примероци за лабораториско испитување. Болеста не е опасна за луѓето, но, додаде тој, кај овците и козите предизвикува голема смртност и огромни економски загуби, поради што превенцијата и заедничкото преземање на биосигурносни мерки е клучно во овој момент за справување со евентуално нејзино пренесување и кај нас.

На состанокот присуствуваше и новиот заменик-директор на АХВ, Фадил Асани.

-Клучно е да бидеме подготвени бидејќи болеста за жал е присутна и во соседството и во регионот. Ние сме земја слободна од оваа болест и немаме ограничувања за извоз на животни и нивни производи на европскиот пазар. Заедно да се бориме овој статус да го зачуваме, порача Миланов.

Претседателот на Сојузот Никола Георгиев изрази благодарност до Агенцијата за брзата и навремена реакција во врска со преземените мерки по потврдувањето на првите случаи на болеста чума кај малите преживари во Република Грција и во Романија. Тој информира дека членките на Сојузот се добро организирани, комуницираат на дневна основа и ги споделуваат и применуваат насоките кои ги добиваат од АХВ и од ветеринарните друштва. 

Апелираа за поголема едукација за препознавање и рана детекција на симптомите на оваа исклучително опасна болест од страна на помалите одгледувачи и домаќинствата кои одгледуваат по неколку грла овци или кози, изразувајќи подготвеност и кооперативност во спроведувањето на мерките.

-Состојбата со болеста се следи на дневна основа и соодветно на неа се носат мерки за заштита кои вклучуваат и забрана за увоз на живи животни од земјите каде е потврдена болеста, како и на ограничување на трговијата со месо и млеко и нивни преработки. АХВ го донесе и Решението за безбедносни мерки во однос на болеста чума кај мали преживари со кое се наложува зголемување на нивото на претпазливост и задолжително пријавување на секој сомнителен случај на болеста, или угинување на животно, особено во пограничните региони со Грција, забрана за организирање на добиточни пазари саеми и изложби на мали преживари на целата територија на земјава, и подигнување на нивото на биосигурносните мерки на фармите ( да не се мешаат животни, опрема и превозни средства од различни фарми). Движењето на животните да се врши задолжително со издаден сертификат за здравствената состојба на животните, рече државниот советник Светлана Колариќ.

Основно за раководителот на Секторот за здравствена заштита на животните при АХВ Вања Кондратенко е одгледувачите на максимално ниво да ги подигнат биосигурносните мерки на фармите, да ја следат здравствената состојба на животните и навремено да алармираат до официјалните ветеринари и ветеринарните друштва за секој сомнителен случај. Миленко Симовиќ од Секторот за здравствена заштита на животните ја презентира епидемиолошката состојба со болеста во регионот. Истакна дека болеста не се лекува. Постои вакцина која носи рестрикции во извозот најмалку во наредните 2 години од почетокот на вакцинацијата. Тој кажа дека во Грција досега се регистрирани 48 жаришта на болеста, но и покрај тоа оваа наша соседна земја не врши вакцинирање на животните. Во Романија се евидентирани 57 жаришта, од кои едно е во близина на границата со соседна Србија. Појасни и дека чумата кај малите преживари ги погодува и дивите видови мали преживари.

-Станува збор за исклучително заразна болест која има висок процент на смртност и која најбрзо се пренесува со директен контакт на заболено животно, но и аеросолно и преку контаминирана храна, превозни средства и слично. Исклучително опасно е неконтролираното движење на животните, пред се шверцот со овци и кози. Затоа воспоставувањето на систем за рана детекција е клучен во справувањето со болеста, подеднакво како и навременото пријавување на секој сомнителен случај, истакна професор Игор Џаџовски од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје.

Туристите кои се враќаат од оваа земја реално сега не претставуваат опасност за пренесување на вирусот на болеста бидејќи не доаѓаат од места каде има движење на животни кои се приемчиви на болеста. мч/dma/

фото: АХВ

Остани поврзан