• вторник, 12 ноември 2024

Африкански центар за превенција на болести: Потребни се милиони вакцини против мпокс

Африкански центар за превенција на болести: Потребни се милиони вакцини против мпокс

Јоханесбург, 13 август 2024 (МИА) - Африканскиот центар за контрола и превенција на болести денеска прогласи вонредна состојба во областа на јавното здравје поради епидемијата на мпокс (мајмунски сипаници). Заразата се проширила од Демократска Република Конго во соседните држави, јавуваат локални медиуми.

Највисокиот здравствен орган на Африка минатата недела предупреди за загрижувачката брзина на ширење на вирусната инфекција, која се пренесува преку блиски контакти и се карактеризира со симптоми слични на грип и гнојни промени на кожата. Кај многу од заболени лица болеста има лесна клиничка слика, но постојат и случаи што можат да доведат до смрт.

- Денеска ја прогласуваме оваа вонредна здравствена состојба за континенталната безбедност, за да ги мобилизираме нашите институции, колективната волја и ресурсите за навремени акции, изјави генералниот директор на Африканскиот центар за контрола и превенција на болести, Жан Касеја, на брифинг пренесуван во живо на платформата „Зум“.

Епидемијата во ДР Конго започна со ширење на ендемичниот сој познат како „клад на Конго Басен“. Оваа варијанта на вирусот подоцна беше преименувана од Светската здравствена организација (СЗО) во клад I (Clade I). Сепак, сега станува збор за новата варијанта – клад Ib, која се шири полесно преку обичен блиски контакт, особено кај децата.

Касеја на брифингот изјави дека континентот има потреба од над десет милиони дози од вакцината против мпокс, но дека само двесте илјади од нив се достапни. Тој вети дека неговиот центар ќе работи на брзо зголемување на набавките. - Имаме јасен план за обезбедување на над десет милиони дози за Африка, почнувајќи со три милиони оваа година, изјави генералниот директор на континенталниот центар.

Највисокиот здравствен орган на континентот објави дека од почетокот на годината досега, во Африка се регистрирани 461 смртен случај од вирусот. Ова претставува зголемување од 160 проценти во однос на истиот период минатата година. За случаи на смрт известиле 18 африкански држави.

Мајмунските сипаници првпат биле откриени кај луѓе во ДР Конго во 1970 година. Полесна верзија на инфекцијата се прошири во над сто држави во 2022 година, главно преку сексуален контакт. ссм/

фото: архива

Остани поврзан