• среда, 13 ноември 2024

Африканска чума во Мралино, АХВ донесе Решение за определување заштитна зона

Африканска чума во Мралино, АХВ донесе Решение за определување заштитна зона

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе Решение за определување заштитна и зона под надзор поради потврда на појава на африканска чума кај свињите во село Мралино, Општина Илинден. Болеста е потврдена со лабораториски наод од Вeтеринарниот институт при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје во едно нерегистрирано одгледувалиште во ова село, каде до денеска се угинати пет свињи, колку што имало на одгледувалиштето.

Како што вели директоторот на АХВ, Николче Бабовски за МИА, дефинирани се заштитната зона од три километри околу жариштето и зона под надзор во радиус од 10 километри.

-Заштитната зона ги опфаќа селата Мралино и Кадино во општина Илинден, село Идризово во Општина Гази Баба и селата Петровец и Ќојлија во Општина Петровец. Во заштитна зона во радиус од три километри околу потврденото жариште се преземаат мерки за одземање, убивање и нештетно отстранување на сите свињи кои се наоѓаат во одгледувалиштето/та каде е потврдена болеста како и во сите контактни одгледувалишта каде не може да се исклучи присуството на болеста. Се спроведуваат мерки за чистење и дезинфекција на објектите, просториите, опремата и возилата, епидемилошко испитување за да се утврди можниот извор на болеста, како и попис, клинички преглед, контрола на спроведувањето на биосигурносните мерки и идентификација и регистрација на животните во сите одгледувалишта. Се евидентираат сите нерегистрирани одгледувалишта и се врши нивна категоризација во однос на степенот на спроведување на биосигурносните мерки, истакнува Бабовски.

Во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу потврденото жариште, исто така се спроведуваат мерки за попис, клинички преглед, контрола во спроведувањето на биосигурносните мерки и регистрација и идентификација на животните во сите одгледувалишта.

-Движење и превоз на свињи е дозволено само доколку свињите се носат директно во одобрена кланица за колење со задолжително земање мостри за лабораториско испитување од закланите животни и подложување на месото на еден од третманите за намалување на ризикот од болеста. По исклучок, месото од свињите од одгледувалиштата со низок ризик може да се користи како свежо, во рамки на зоната од кое потекнува. На целата територија на земјава, вклучително и во заштитната и зоната под надзор се забранува чување на свињи на отворено и на депонии. Сите свињи кои ќе се затекнат на отворено ќе бидат одземени и нештетно отстранети на товар на сопственикот на животните без надомест. Забранет е промет на свињи на добиточните пазари, саеми и изложби, потенцира Бабовски.

Тој апелира одгледувачите задолжително да пријават сомнеж или знаци на болеста или смртност и абортус до надлежното ветеринарно друштво или официјален ветеринар.

-Свињите кои ќе бидат затекнати во промет без здравствен сертификат и без идентификација ќе бидат одземени и нештетно уништени на товар на сопственикот. На целата територија на државава ќе се спроведува и мерката на депопулација на сите нерегистрирани одгледувалишта со висок ризик во однос на спроведувањето на биосигурносните мерки, подвлекува Бабовски.

За одземените и нештетно отстранети свињи Агенцијата за храна и ветериарнство исплаќа надомест согласно Законот за ветеринарно здравство и Упатството за определување на пазарна вредност на животните кои се одземаат заради сузбивање и искоренување на заразни болести на територијата на Република Северна Македонија, зависно од категоријата на животните. За свињите по потекло од нерегистрирани одгледувалишта, без доказ за потекло и свињи кои потекнуваат од одгледувалишта каде претходно е спроведена мерка за депопулација, но, за кои официјален ветеринар нема издадено решение за репопулација, АХВ нема да исплаќа надомест на штета.

-АХВ на дневна основа ја следи состојбата со оваа болест и кај нас и во светот. На целата територија на државава се спроведува активен и пасивен надзор на болеста со лабораториско испитување на земени мостри од угинати домашни или диви свињи или од застрелани во лов. Покрај ова во рамки на пасивниот надзор, поголемите свињарски фарми имаат обврска секоја недела да доставуваат мостри од угинати свињи за лабораториско тестирање на присуство на болеста. Африканската свинска чума е релативно нова, егзотична болест, во минатото карактеристична за африканскиот континент, сега за жал, присутна е и кај нас и во нашето непосредно опкружување, објаснува Бабовски.

Вирусот на африканската чума кај свињите е болест која се пренесува само кај свињите, од неа заболуваат диви и домашни свињи. Болеста не е зооноза, вирусот не е опасен и не се пренесува на луѓето кои, пак, се можни негови преносители.

-Бидејќи станува збор за болест кај животните која задолжително се пријавува, АХВ, за секој нов случај на појава на болеста, на дневна основа врши ажурирање на податоците во системот за пријавување на болести кај животните на Светската организација за здравствена заштита на животните - WOAH (системот на Светската организација за здравствена заштита на животните WAHIS) и систем за пријавување на болести кај животните на Европската Комисија (ADIS), вели директорот Бабовски. мч/лв/

фото: МИА архива

Остани поврзан