• сабота, 28 декември 2024

АФП: Северна Македонија гласа на клучните избори за закочените преговори со ЕУ

АФП: Северна Македонија гласа на клучните избори за закочените преговори со ЕУ

Париз, 24 април 2024 (МИА) - Во Северна Македонија денеска е првиот круг од претседателските избори, во чија позадина е одлучувачкото прашање за иднината на таа земја: да ги прифати или не условите поставени од Европската Унија за прием во таа организација, пишува денеска француската новинска агенција АФП. 

„Политичкиот живот во таа балканска држава со 1,8 милиони жители со години е заглавен во дискусијата дали да се почитуваат барањата на ЕУ, особено оние на соседна Бугарија“, која веќе е членка на ЕУ, посочува агенцијата, пренесува Бета.

Бугарија првично инсистираше македонскиот јазик да се смета за дијалект на бугарскиот, што Скопје го одби и бара вклучување на бугарското малцинство во Уставот, со ризик да ги наруши преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

АФП пишува дека двајцата главни кандидати за претседател на државата која мораше да го смени името за да го запре конфликтот со друг сосед, Грција, не се согласуваат околу одговорот што ќе му го дадат на Брисел.

Социјалдемократот Стево Пендаровски, кандидат за реизбор, кој заостанува во анкетите со 16 отсто поддршка, бара итна ревизија на Уставот за да се унапредат преговорите со ЕУ за членство, каде Северна Македонија е кандидат од 2005 година, наведува АФП.

Од друга страна, водечката во анкетите со 26 отсто, Гордана Силјановска-Давкова, главната конкурентка на Пендаровски која ја победи на претходните претседателски избори во 2019 година, а која е поддржана од водечката десничарска опозициска партија ВРМО-ДПМНЕ, сака Северна Македонија прво да стане членка на ЕУ, а потоа евентуално да го промени Уставот.

АФП понатаму пишува дека покрај тоа што денешните избори се еден вид референдум за односот кон ЕУ, тоа е и можност да се утврди односот на силите меѓу партиите пред 8 мај, кога ќе се одржи вториот круг од претседателските заедно со парламентарните избори.

Агенцијата јавува дека Ана Петрушева, уредничка и директорка на невладината организација БИРН, посочила дека во вториот круг од претседателските избори, на кој се очекуваат двајцата главни конкуренти, ќе биде важно што ќе одлучат останатите пет кандидати за шеф на државата по првиот круг, меѓу кои и министерот за надворешни работи и кандидатот на албанската партија ДУИ Бујар Османи и Арбен Таравари поддржани од коалицијата од три партии наречена „Влен“ („Вреди“).

Нивната поддршка или не во вториот круг ќе биде клучна, „особено поддршката од албанските партии“, оцени Петрушева, пренесува Бета.

Мнозинството граѓани, пишува АФП, сметаат дека емиграцијата на младите од Северна Македонија мора да престане и сакаат кој и да победи да работи на подобрување на животниот стандард и обезбедување подобра иднина за младите, како и за Македонија да се приклучи на Европа, заклучува агенцијата, пренесувајќи ги ставовите на соговорниците. ссм/

фото: МИА

Остани поврзан