• сабота, 28 декември 2024

АФП за средбата во Охрид: Лидерите на Србија и Косово разговараат за мировниот план на ЕУ

АФП за средбата во Охрид: Лидерите на Србија и Косово разговараат за мировниот план на ЕУ

Париз, 18 март 2023 (МИА) - Лидерите на Косово и Србија денеска ја започнаа последната рунда разговори предводени од ЕУ. Средбата во Oхрид доаѓа откако двете страни не успеаја да постигнат договор во Брисел минатиот месец, каде мировниот план беше наведен. 

Агенцијата Франс прес пишува дека во документот од 11 точки беше наведен договор во кој стои дека ниту една страна нема да прибегне кон насилство за да го реши спорот, ниту ќе се обиде да ја спречи другата да се приклучи на Европската унија или други меѓународни тела - клучно барање од Косово. 

Како што е наведено, двете страни прво седнуваат со европските претставници пред да се сретнат лице в лице подоцна во текот на денот

„Оптимист сум, внимателен сум. Ќе дадам се за Република Косово“, рече Курти при пристигнувањето на разговорите во Охрид. 

Србија долго време одбива да го признае едностраното прогласување независност на Косово, направено во 2008 година, наведува агенцијата.

По разговорите во Брисел, српскиот претседател Александар Вучиќ вети дека никогаш нема да ја признае Приштина или да обезбеди пат што ќе им овозможи да се приклучат во Обединетите нации или во НАТО алијансата. Пред самитот Вучиќ остана пркосен. 

„Не планирам да потпишам ништо“, изјави Вучиќ во четвртокот, велејќи дека состанокот „нема да биде историски или револуционерен“. 

Последната рунда преговори уследи по неколкумесечна шатл-дипломатија. 

На почетокот на неделата, косовскиот премиер Албин Курти рече дека е оптимист во врска со постигнувањето договор, но ја остава одговорноста на потпишувањето на договорот на Вучиќ. 

„Дали ќе успее или не, вие добро знаете дека тоа не зависи само од мене“, рече Курти. 

Аналитичарите велат дека самиот потпис на договорот нема да сигнализира конечен напредок. 

„Очекувам двете страни да се договорат за планот за имплементација. Не можам да кажам дека е голем бидејќи големата работа ќе се случи дури откако планот ќе се спроведе“, рече Душан Миленковиќ од тинк-тенк Центарот за социјален дијалог и регионални иницијативи. паг/ 

 

Остани поврзан