Атанасовски: Успешно се спроведува акцијата за отстранување на хаварисаните возила во М.Каменица
- Акцијата за отстранување на хаварисаните возила од јавните корисни површини во М. Каменица успешно се спроведува, информираше денес градоначалникот на оваа Општина Димчо Атанасовски.
Македонска Каменица, 22 ноември 2024 (МИА) – Акцијата за отстранување на хаварисаните возила од јавните корисни површини во М. Каменица успешно се спроведува, информираше денес градоначалникот на оваа Општина Димчо Атанасовски. Досега како што соопшти тој поставени се опомени на 24 хаварисани возила, а дел од сопствениците веќе ги презедоа потребните мерки за нивна дислокација.
- Искрено им се заблагодаруваме на сите граѓани кои покажаа одговорност и ги отстранија своите возила од јавните површини. Нивната брза реакција е пример за заедничка грижа кон нашата општина, истакна Атанасовски.
Апелираше до останатите граѓани, чии возила сè уште се наоѓаат на јавните површини, да го следат овој позитивен пример.
- Доколку поседувате хаварисано возило, ве поттикнуваме да го пријавите во просториите на Јавното претпријатие „Камена Река“, каде што ќе добиете поддршка и насоки за понатамошно постапување, додаде Атанасовски.
Порача дека сите треба да продолжат со вакви активности давајќи пример во одржувањето уредена, чиста и безбедна Македонска Каменица. вс/ир/
Фото: МИА