• четврток, 26 декември 2024

АСО: Решени 31 процент повеќе претставки во корист на осигуреници, парични казни за две осигурителни компании

АСО: Решени 31 процент повеќе претставки во корист на осигуреници, парични казни за две осигурителни компании
Скопје, 17 август 2022 (МИА) - Во првото полугодие годинава најбројни се претставките исплата на штети од автомобилска одговорност и за осигуран имот.  Најголем раст има кај бројот на претставки со кои осигурениците се жалат на рокот во кој компаниите ги решаваат штетите, покажуваат анализите на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО). Оттаму денеска информираа дека добиле 135 претставки од осигуреници кои се жалат на услугите на осигурителните компании и брокерските друштва во првите шест месеци од годинава, а бројот на претставки по кои постапувале се зголемил за 65 проценти во споредба со истиот период лани. Врз основа на обработените претставки, утврдиле пропусти во постапувањето кај две осигурителни компании за што им изрекле и парични казни. Осигурениците во овој период најчесто се жалеле на остварување на правата за обештетување по полиси од автомобилската одговорност и од осигурување имот. -Во корист на осигурениците АСО реши 21 претставка и тоа е за 31 отсто повеќе од истиот период минатата година. Очекувано, најголем број, односно 12 од позитивно решените претставки се кај осигурувањето од автомобилска одговорност, најмасовната класа осигурување. Во корист на осигуреници се решени четири претставки за осигуран имот, две претставки за осигурување од незгода и по една поплака за приватно здравствено осигурување, за осигурување живот и за каско осигурување, стои во соопштението. Во процес на решавање се 23 претставки, а 16 се повлечени од подносителите. Во 16 случаи, АСО утврдил дека поднесоците се без основа, а негативно се решени 59 од обработените претставки. Според АСО, што се однесува до видот на осигурување, очекувано, осигурениците најчесто се жалеле на услуги во најмасовната класа – автомобилско осигурување. Од оваа класа осигурување, АСО обработил 47 претставки меѓу кои најбројни односно 26 поплаки се за постапки за обештетување преку пополнување Европски извештај. Во првото полугодие поднесени се 26 претставки за осигуран имот. Кај оваа класа има најголем раст на поднесени претставки во однос на истиот период лани и тој изнесува 160 отсто. Најчеста причина за поднесена претставка во овој период е основата по која компаниите исплаќаат штети. За првите шест месеци се примени 50 такви претставки. Најголем раст на поплаките се заради рокот во кој компаниите ги обработуваат пријавените штети од осигуреници. За овие шест месеци има 23, а за истиот период лани имало само четири такви претставки. Бројот на осигуреници- физички лица кои поднеле претставки е зголемен за 58 отсто и изнесува 106. Во овој период, 22 правни лица поднеле претставки за услугите од нивните осигурители. Бројот на претставки поднесени од осигуреници – правни лица, годинава во однос на лани, е поголем за 47 отсто. Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. Од Агенцијата потсетуваат дека не разледуваат анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка. лв/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан