АСО: Осигуреници во август наплатија над пет милиони евра од неживотни осигурувања
- Половина од вкупниот број на исплатени штети се за покривање медицински трошоци осигурани со приватно здравствено осигурување. Од штети покриени со каско осигурување сопственици на моторни возила наплатиле над 1 милиони евра. Над 500 наши сограѓани во август побарале и добиле обештетување од 100.000 евра за штети покриени со патничко осигурување за патување во странство.
Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Половина од вкупниот број на исплатени штети се за покривање медицински трошоци осигурани со приватно здравствено осигурување. Од штети покриени со каско осигурување сопственици на моторни возила наплатиле над 1 милиони евра. Над 500 наши сограѓани во август побарале и добиле обештетување од 100.000 евра за штети покриени со патничко осигурување за патување во странство.
Сите осигурителни компании за неживотни осигурувања само во август годинава исплатија над 9.800 штети вредни 312,5 милиони денари (5,1 мил. евра). Споредбата на податоците покажува дека осигуреници кои имале штети покриени со осигурување наплатиле 22 отсто (57,3 милиони денари) повеќе во споредба со истиот месец 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија сите 11 компании за неживотно осигурување.
Најголеми растови на исплатени штети во август годинава во споредба со истиот месец лани има кај каско осигурувањето на моторни возила и кај приватното здравствено осигурување. За осигурени штети покриени со каско осигурување сопствениците на моторни возила во август наплатиле 63,4 милиони денари (1,03 мил.евра). Тоа е за 58 отсто повисок износ на исплатени штети во однос на август 2022 година.
За медицински трошоци покриени со приватно здравствено осигурување во август осигуреници наплатиле 45,1 милиони денари (над 733.000 евра) и тоа е за 56 отсто повеќе од истиот месец лани. И во август продолжува трендот најголемо учество во вкупниот број на исплатени штети да имаат токму штетите кои се неменети за покривање на медицински трошоци. Половина од сите исплатени штети во овој месец се однесуваат на приватно здравствено осигурување.
Од штети врз осигуран имот во овој месец осигуреници наплатиле 21,2 милиони денари (345.000 евра). Актуелно во период на летни одмори е и патничкото осигурување кое покрива штети при летување во странство. По ова осигурување компаниите на осигуреници им исплатиле 6,3 милиони денари (над 100.000 евра), што е за 17 отсто повеќе од истиот месец лани.
Очекувано, најголем износ на исплатени штети има кај законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност (ЗАО) кое е всушност и најголема осигурителна класа. Во август се исплатени 153,8 милиони денари (2,5 мил.евра) и тоа е за 17 отсто повеќе од лани.
Во вкупниот износ на исплатени штети во август „Уника“ учествува со 12 отсто, „Триглав осигурување“ со 12,7 отсто, „Винер ВИГ“ со 11 отсто, „Сава осигурување“ со 13,8 отсто, а „Осигурителна полиса“ со 5,9 отсто. Учеството на „АДОР Македонија ВИГ“ е 8,7 отсто, на „Евроинс осигурување“ е 4,4 отсто, „Еуролинк“ учествува со 10,4 отсто, „Кроација осигурување – неживот“ со 10,9 отсто, „Халк осигурување“ со 8,4 отсто и „Граве неживот“ со 1,8 отсто.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО)
фото: АСО
—————————————————————————————————————————
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.