• четврток, 26 декември 2024

АСО организираше обука со која активно се приклучи во одбележување на европскиот месец за кибер безбедност

АСО организираше обука со која активно се приклучи во одбележување на европскиот месец за кибер безбедност
Скопје, 31 октомври 2022 (МИА) - Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) активно се вклучи во одбележувањето на месецот на кибер безбедноста, организирајќи обука за подигнување на свеста на своите вработени за оваа актуелна тема од дигиталната сфера, информираат од регулаторното тело и додаваат дека дводневната обука ја спроведе компанијата „Сигмоид“, која работи на полето на информациската безбедност за домашни и странски клиенти. -Вработените на интерактивен начин се запознаа со основните поими на кибер безбедноста, научија како да препознаат одредени напади и што да направат во таков случај, како да учествуваат во управувањето со информациската безбедност, итн. Воедно, на обуката беа презентирани и активностите на АСО кон осигурителната индустрија. Имено, веќе втора година друштвата од осигурителната индустрија организираат и спроведуваат обуки за своите вработени за кибер безбедност, почитувајќи ги одредбите од Правилникот за минималните стандарди на информациските системи на друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва и друштвата за застапување во осигурување, соопшти АСО. Како што велат од АСО, повратните информации што стигнале до нив покажуваат дека овие обуки дале позитивен резултат и дека вработените во осигурителната индустрија имаат подобра перцепција за улогата и значењето на кибер безбедноста. Според најавите, АСО и во иднина ќе продолжи со активности за подобрување на кибер безбедноста, како за вработените во регулаторното тело, така и во компаниите претставници на осигурителната индустрија. European Union Agency for cybersecurity (ENISA) го прогласи октомври за месец на кибер безбедност. Секоја година во октомври, ширум Европа и светот, се организираат голем број на настани од различен вид, со цел да се подигне нивото на кибер безбедноста. вј/дма/

Остани поврзан