• четврток, 26 декември 2024

АСО: Над 278.000 граѓани го осигурале животот, за шест месеци вложиле една милијарда денари

АСО: Над 278.000 граѓани го осигурале животот, за шест месеци вложиле една милијарда денари
11 ноември 2022 Бројот на граѓани кои го осигурале својот живот според најновите податоци надмина 15 отсто од целото население, согласно со податоците од последниот попис спроведен лани. Од сите осигуреници 82 отсто имаат полиси со кои е осигурана смртта, но средствата не се враќаат на осигуреникот доколку ризикот не се случи. Другите 18 отсто вложуваат во осигурување живот со штедна компонента кое овозможува да ги добијат парите со одредена добивка по истекот на договорот за осигурување живот Вкупните вложувања на граѓаните во животно осигурување во првите шест месеци годинава надминаа 1 милијарда денари (17,3 мил.евра) и тоа е за 17 отсто повеќе од истиот период претходната година. Од почетокот на годинава па до крајот на јуни склучени се над 34.000 договори за осигурување што е за 24,5 отсто повеќе во однос на претходната година, а полиси за осигурување живот имаат повеќе од 278.000 граѓани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Од вкупниот број полиси дури 229.000 се за таканаречено ризико осигурување. Кај овој тип осигурување во случај на смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија. Бројот на граѓани кои имаат ризико осигурување пораснал за нешто повеќе од 29.000 во првите шест месеци годинава. Од сите договори за осигурување живот над 45.000 се со штедна компонента . Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти. Најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар е популарно нареченото „јунит линкд“ осигурување. Кај овој осигурителен производ ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот, а дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Во овој тип на осигурување има над 11.600 полиси. Петте компании за осигурување живот во првите шест месеци годинава исплатиле вкупно 345 милиони денари (5,6 мил.евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на ризик смрт. Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението. Агенција за супервизија на осигурување (АСО) ________________________________________________________________________________________  МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан