• четврток, 26 декември 2024

АСО: Вложувањата во неживотни осигурувања достигнаа 90 милиони евра за пет месеци

АСО: Вложувањата во неживотни осигурувања достигнаа 90 милиони евра за пет месеци

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Вложувањата во сите неживотни осигурувања за првите пет месеци година надминаа 5,5 милијарди денари, односно 89,6 милиони евра. Вредноста на вложувањата во осигурување на граѓани, институции и компании годинава пораснала за 10 отсто во споредба со истиот период минатата година, покажуваат официјалните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат компаниите за неживотни осигурувања.

Во овој период расте и вредноста на исплатените штети покриени со осигурување. За првите пет месеци годинава осигурениците наплатиле 1,95 милијарди денари или 31,7 милиони евра од осигурителните компании. Вредноста на исплатените осигурени штети годинава е за 6 отсто повисока во однос на претходната година.

-Клучните индикатори за вложувања во осигурување и за исплатени штети покажуваат дека индустријата бележи континуиран раст. При тоа расте обемот на осигурување, бројот на осигурени лица, ризиците превземени во осигурување како и вредноста на исплатените осигурени штети. Трендот докажува дека активностите на АСО во континуитет обезбедуваат предуслови за раст на продажбата на осигурување, но и зголемена заштита на осигурениците, велат од АСО.

Од доброволните осигурувања, како што посочуваат, најбаран и најбрзорастечки производ и понатаму е приватното (доброволно) здравствено осигурување. Во првите пет месеци во полиси за здравствено осигурување се вложени  687,7 милиони денари или 11,2 милиони евра. Во споредба со истиот период лани вложувањата во здравствено осигурување се зголемени за 35 отсто.

Солиден раст има и кај каско осигурувањето на моторни возила. За пет месеци осигурителните компании продале полиси во вкупна вредност од 543 милиони денари или 8,83 милиони евра што е за 17 отсто подобар резултат од истиот период лани.

Најголема доброволна класа, според обемот на вложувања, останува да биде осигурувањето имот. За овој период граѓани, институции и компании вложиле 1,22 милијарди денари, односно 19,82 милиони евра и тоа е минимално зголемување за 2 отсто во споредба со претходната година.

-Од најголемата класа, која воедно е задолжителна со закон, а тоа е осигурувањето од автомобилска одговорност (АО) во првите пет месеци компаниите инкасирале 2,21 милијарда денари или 36 милиони евра. Вложувањата во ова осигурување пораснале за 7 отсто во однос на лани, а тоа се должи на зголемениот број осигурани возила во однос на истиот период лани, потенцираат од АСО.

Во првите пет месеци годинава компаниите за осигурување со своите клиенти склучиле над 676.000 договори за прием во осигурување. Бројот на склучени договори годинава пораснал за 5 отсто во однос на истиот период минатата година. Најмногу договори за осигурување, над 305.700, се склучени за осигурување од незгода. Тоа е производ наменет за колективно осигурување на вработени и ученици со кое се покриваат повреди на или надвор од работно место или училиште. вј/ац/

Фото: АСО 

Остани поврзан