• четврток, 26 декември 2024

АСЕАН сериозно загрижен за насилството во Мјанмар

АСЕАН сериозно загрижен за насилството во Мјанмар
Пном Пен, 26 октомври 2022 (МИА) - Асоцијацијата на земји од југоисточна Азија (АСЕАН) е сериозно загрижена поради ескалацијата на насилство во Мјанмар, изјави претседавачот со организацијата од  Камбоџа, пред утрешниот специјален состанок на шефовите на дипломатиите, посветен токму на оваа криза. „Длабоко сме ожалостени поради сè поголемиот број жртви и страдањата на обичните луѓе во Мјанмар“, се наведува во изјавата и се повикува на воздржаност, итен прекин на борбата и продолжување на дијалогот од сите страни. На мјанмарските генерали од минатата година им се забранети учествата на состаноците на високо ниво на АСЕАН, кога армијата ја собори избраната влада на Аунг Сан Су Чи, а нејзе ја стави во притвор, како и илјадници активисти, и потоа почна со смртоносен одговор поради што се појавија движења на вооружен отпор. Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Камбоџа информираше дека Мјанмар утре нема да учествува на состанокот на секретаријатот на АСЕАН во Џакарта. Целта на состанокот е да се изнесат препораки, како да се поттикне мировен процес пред самитот на АСЕАН наредниот месец. Претседавачот на АСЕАН како примери за неодамнешното насилство ги наведе бомбашкиот напад на најголемиот затвор во Мјанмар, конфликтот во државата Карен и воздушниот напад во државата Качин во неделата, каде загинаа најмалку 50 лица, според локалните медиуми. Конфликтот не ја влоши само хуманитарната ситуација, туку и ги поткопа напорите да се спроведе мировниот план за што минатата година се договорија АСЕАН и хунтата, се наведува во соопштението. АСЕАН ги предводи меѓународните мировни напори, но хунтата малку направи за да ги исполни нејзините обврски согласно „консензусот“ на АСЕАН, што вклучува итен прекин на насилството и почеток на дијалог кон мировен договор. Хунтата тврди дека се обидува да воспостави ред со борба против „терористите“ со кои нема да води дијалог. Според индонезиската министерка за надворешни работи Ретно Марсуди, АСЕАН повика неполитички претставници на Мјанмар на состанокот в четврток, но воената влада досега не ја прифати понудата. Таа за „Д Џакарта пост“ посочи и дека состанокот не е облик на мешање, туку „одраз на загриженоста на АСЕАН за една од членките“. АСЕАН има долготрајна политика на немешање во суверените работи на членките, но, дел држави го повикаа блокот на похрабро дејствување против хунтата. Малезискиот министер за надворешни работи изјави дека АСЕАН мора „сериозно да го преиспита“ планот и „дали треба да се замени со нешто подобро“. Саифудин Абдулах исто така се сретна со колегата од владата на национално единство во Мјанмар, администрација во сенка, забранета од хунтата. - Министрите ќе мора да одлучат што ќе прават со планот од пет точки, ќе го остават таков каков што е и ќе се надеваат на најдоброто или ќе додадат построги мерки, истакна Кин Зав Вин од институтот Тампадип, независен мјанмарски тинк-тенк. бд/сд/

Остани поврзан