• четврток, 26 декември 2024

Архиепископот Стефан во посета на Кралството Шведска по повод 50 години црковни македонски општини

Архиепископот Стефан во посета на Кралството Шведска по повод 50 години црковни македонски општини

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Поглавартот на МПЦ-ОА г. г. Стефан, од 19 до 24 октомври, беше во канонска посета на македонските црковни општини во Шведска, „Св. Кирил и Методиј“ во Гетеборг и „Св. Наум Охридски“ во Малме, на покана на митрополитот европски г. Пимен, а по повод одбележувањето на 50-годишнината од основањето на првите македонски црковни општини во Западна Европа.

-На 20 октомври, поглаварат на МПЦ - ОА и надлежниот архијереј имаа средба и работна вечера со претставникот на Комисија за верски прашања при Владата на Шведска, Мартен Сандмарк. Следниот ден, на 21.10.2023 година, денот во кој се прослави 50-годишнината Архиепископот г. г. Стефан чиноначалствуваше на архијерејската Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Гетеборг, во сослужение со митрополитот г. Пимен, како и со ставрофорните протопрезвитери: Блажо Кожарски од МПЦО „Св. Наум Охридски“ во Малме, Ефтим Велкоски, од храмот домаќин, Игор Давидовиќ од српската црковна општина во Гетеборг и Кирко Велински од МПЦО „Св. Злата Мегленска“ во Загреб, игуменот Агатон Апостоловски, презвитерот Кирил Фидански и протоѓаконот Александар Димитријов од Скопје, известуваат од МПЦ-ОА.

По завршувањето на Литургијата, се одржа свеченост по повод 50-годишнината од основањето на црковната општина, на која присуствуваа и: вршителот на должноста амбасадор на нашата држава во Шведска Стојанче Китаноски и членовите на Комисијата за верски прашања при Владата на Шведска Мартен Сандмарк и Матиас Фалк, претставници на Иницијативниот одбор за организирање на македонска црковна општина во Осло, Норвешка, како и претставници на македонските организации од Гетеборг ‒ МКД „Гоце Делчев“ и МК „Вардар“.

Утредента, информираат од МПЦ-ОА, во неделата, со света архијерејска Литургија се одбележа  и педесетгодишнината од основањето на МПЦО „Св. Наум Охридски“ во Малме.

- Со евхаристискиот принос чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, а во сослужение со Неговото Висоскопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен и со Неговото Преосвештенство Епископот Британско-Скандинависки г. Доситеј од Српската Православна Црква, како и со ставрофорните протопрезвитери: Блажо Кожарски, Ефтим Велкоски и Кирко Велински, со ставрофорните презвитери од Романската и од Српската црковна општина во Малме, отците Михаил Раду и Александар Самарџиќ, како и игуменот Агатон Апостоловски, презвитерот Кирил Фидански и протоѓаконот Александар Димитријов, соопштуваат од МПЦ-ОА.

На Литургијата молитвено учествуваше многуброен верен народ од нашинците во Малме и од неговата околина, како и претставници на МПЦО „Св. Климент Охридски“ од Копенхаген, Данска. По Божествената Литургија се одржа и Свечен прием по повод годишнината.

- На свеченоста присуствуваа  и видни личности од политичкиот и верскиот живот на Шведска, меѓу кои и: вршителот на должноста амбасадор на Република Македонија во Шведска, Стојанче Китаноски, претставникот на градот Малме Садат Ариф, главниот свештеник за градот Малме на Шведската црква Гунила Халостен, претставникот на Бискупот од Лунд свештеник Јан-Олоф Агедал, известуваат од МПЦ-ОА.

На 23 октомври, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и митрополит г. Пимен, заедно со придружбата, во Лунд остварија средба со претставници на Шведската црква.

- Во отсуство на Поглаварот на Шведската црква, во негово име, на приемот присуствуваа старешината на Соборната црква, свештеникот Никлас Бладер и свештениците Јан-Олоф Агедал, Лена Сјостранд и Пер Кристианскон, како и професорот на Теолошкиот факултет во Лунд, д-р Самоел Робинсон. На 24 октомври, пак, Архиепископот и  Митрополитот. заедно со нивната  придружба, беа примени во општината на Малме, од претседателот на Градскиот совет, Амани Лубани, велат од МПЦ-ОА. 

Оттаму истакнуваат дека посетата на Архиепископот и Митрополитот биле примена со огромна радост од страна на многубројниот верен народ на Македонската Православна Црква во Шведска. А на средбите со претставници на Шведската црква и на шведските локални и државни институции, заеднички била истакнувана големата и позитивна улога на Македонската Православна Црква во запазувањето на христијанската култура и национална посебност на нашинците во дијаспората. ир/аа/

Фото: Фејсбук

 

Остани поврзан