• четврток, 26 декември 2024

Архивот во Штип објави повик за подарување архивски материјал

Архивот во Штип објави повик за подарување архивски материјал

Штип, 4 октомври 2022 (МИА) - Одделението на Државниот архив во Штип објави јавен повик за подарување архивски материјал. Активноста се спроведува со цел дополнување на архивските фондови кои се наоѓаат во приватна сопственост во интерес на имателите и истражувачите од државата и странство.

На подарениот архивски материјал во Архивот му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка, како и негово користење за научни цели.

Директорот на подрачното одделение на Архив во Штип, Марио Паризов, изјави дека архивскиот материјал може да се достави во објектот на подрачното одделение.

- Ги покануваме сите граѓани коишто имаат архивски материјал, значаен за културниот, општествениот, спортскиот, историскиот и политичкиот живот, да го подарат на Државниот архив како институција која се грижи за колективната меморија. На тој начин на документите ќе им се обезбеди трајна заштита и соодветно чување, а ќе бидат достапни на научниците и на истражувачите. Од подарениот архивски материјал ќе се формираат лични и семејни фондови кои ќе се користат за публикување книги и правење изложба со цел популаризација на локалната и националната историја, рече Паризов.

Архивскиот материјал се категоризира според неколку критериуми, како што се единственост, реткост и неповторливост, сочуваност, изворност и авторство. Имателите и создавачите, пак, се категоризираат според времето, местото, улогата и функционирањето во различните области на животот.

Повеќе информации во однос на јавниот повик може да се добијат во сите подрачни одделенија на Државниот архив во Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица. Штип. Велес и Куманово. вдј/хс/

Остани поврзан