• среда, 25 декември 2024

Арсовски: Наскоро ќе има конкретни решенија за прашањата заради кои се повикува на студентски протести

Арсовски: Наскоро ќе има конкретни решенија за прашањата заради кои се повикува на студентски протести
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Од Владата велат се работи на сите прашања заради кои се повикува на нови протести од страна на студентите и оти наскоро ќе има конкретни решенија. Владиниот портпарол Душко Арсовски денеска на новинарско прашање за ставот на Владата за протестите на студентите и нивните барања, рече дека Владата им е сојузник на студентите и оти ќе продолжи со заложбата за олеснување на студентскиот живот и студирањето. - Студентите се иднината на Северна Македонија и тие мора да се вклучени во процесите што директно или индиректно ги засегаат. Затоа оваа Влада им е сојузник и тоа многупати досега се потврди низ заеднички дискусии за изнаоѓање решенија за предизвиците. За едно од нив, студентскиот оброк, низ дијалог завчера се дојде до решение, да продолжи да се користи по старите критериуми додека да се изнајде системско решение, рече Арсовски на редовната прес-конференција за одлуките од седницата на Владата. Портпаролот Арсовски истакна дека оваа Влада не е позната по укинување на студентските права и можности, туку напротив, како што посочи, постојано го унапредува студентскиот стандард преку воведување нови системски или периодични и интервентни мерки со кои се олеснува студентскиот живот и студирањето. - Во време на пандемијата доделивме ваучери за покривање на дел од  трошоците за партиципација и за сместување во студентските домови, потоа воведовме субвенциониран студентски оброк, студентските стипендии значително се зголемија, воведовме нови видови стипендии кои во минатото не постоеја, се изградија нови сместувачки капацитети. Оваа заложба ќе продолжи и натаму и на сите прашања заради кои се повикува на нови протести се работи и наскоро ќе има конкретни решенија, рече Арсовски. По завчерашниот протест на студентите по кој беше постигнат договор да остане постојното решение за субвенциониран студентски оброк до наоѓање системско решение, денеска универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“ најавија дека утре во Скопје ќе одржат марш преку кој обединето ќе ги бараат своите права. Нивните барања се издвојување средства од Буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација. Студентскиот марш, што ќе се одржи по повод Меѓународниот ден на студентите, ќе почне во 17.30 часот од пред Владата, а треба да заврши пред Министерството за образование и наука. лв/сп/

Остани поврзан