• среда, 18 декември 2024

Арсовска: Сите екипи се на терен, се интервенира на сите локации, штетите се санираат

Арсовска: Сите екипи се на терен, се интервенира на сите локации, штетите се санираат
Скопје, 30 август 2022 (МИА) - Сите екипи се мобилизирани и се на терен, меѓу кои и Противпожарната бригада на градот Скопје, која со успешна интервенција успеа да спаси над 20 лица од невремето. Се санираат штетите кои се предизвикани пред се од обилните наноси на дожд, има голем број откорнати и паднати дрвја кои имаат нанесено значителни материјални штети, а сето тоа предизвикано од силните ветрови во попладневните часови во Скопје, изјави вечерва градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска. Тимови составени од јавните претпријатија, посочи таа, расчистуваат на терен и ќе останат се до целосно санирање на проблемите на критичните места и до нормализација на состојбата. - Координација имаме само со МВР кое помогна да се изолираат овие улици и булевари каде имаше поплави. Верувам дека во следните денови ќе имаме соодветна комуникација со сите надлежни институции. Нашите екипи интервенираа брзо и ефикасно и успеавме да го превенираме толку колку што можеше, затоа што беа тоа навистина обилни дождови какви што немаме забележано во изминатите неколку години. Можеби најважната работа е да се посветиме на тоа оваа инфраструктура да биде санирана за долгорочно да немаме вакви проблеми. Исто така и јавните градски претпријатија активно кога имаме најава за тоа дека ќе има невреме работат на тоа да се чистат сливниците, улиците и да се направи сето она што е возможно за да го немаме тоа што се случи вечерва, рече Арсовска. Додаде деке е неопходна санација на инфраструкрурата во градот и нејзино соодветно димензионирање за да не се повротуваат вакви појави во иднина. Градоначалничката Арсовска раководеше со итниот теренски состанок на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, по силното невреме кое во изминатите неколку часа го зафати Скопје, проследено со обилни врнежи од дожд, силен ветар и наноси на лисја и отпад и предизвика поплави на повеќе места низ градот. Во моментов, екипите интервенираат на повеќе од 30-тина локации каде има поплавувања по големото невреме. Силното време предизвика и материјални штети кои веќе се санираат, а воедно вечерва Кризниот штаб по целосна анализа на состојбите ќе најави решение за овие проблеми, но ќе се бара и одговорност за несоодветната инфраструктура која придонесе за штети на градските булевари, информираат од Град Скопје. рп/ар/

Остани поврзан