• сабота, 09 ноември 2024

Арсовска: Подземна сообраќајница, кружен тек и нови булеварски решенија за Кисела Вода 

Арсовска: Подземна сообраќајница, кружен тек и нови булеварски решенија за Кисела Вода 
Скопје, 3 октомври 2021 (МИА) - Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска вечерва на средба со граѓаните на Кисела Вода ја претстави својата изборна програма за модерно Скопје, истакнувајќи дека на Кисела Вода и на градот му се потребни решенија, а токму решенијата кои секојдневно ги дискутира со скопјани, ја градат нејзината визија за Скопје да прерасне во урбана, чиста, модерна европска метропола. -Во нашата програма имаме и конкретни решенија, кои во партнерство со вашиот градоначалник ќе ги реализираме за Кисела Вода Ќе го изградиме Јужен коридор - што ќе значи брзо и ефикасно поврзување на Кисела Вода со Центар – преку подземна сообраќајница, кружен тек и нови булеварски решенија и на потегот кај Рампа, но и на крстосницата помеѓу улиците „Павел Шатев“ и „Јордан Мијалков“. Брзо и лесно стигнување на сите жители на Кисела Вода до центарот на градот. Таа најави и поврзување на Кисела Вода со Аеродром преку улицата „Народни херои“ до „Трета македонска бригада“. -Нема да го заборавам и булеварот „Борис Трајковски“ - ќе го поврземе Драчево со Кисела Вода. Да, токму тој булевар кој последните четири години беше заборавен и Градот Скопје не мрднуваше со прст, за сега пред избори да им текне да се сликаат дека нешто прават. Во програмата предвидуваме и нови велосипедски патеки и реконструкција на постоечките. Се обврзувам и на нова противпожарна станица во општина Кисела Вода со капацитет за пет противпожарни возила, потенцираше Арсовска. Таа ги повика граѓаните да ја поддржат нејзината програма за модерно Скопје, истакнувајќи дека после 17 октомври Скопје повторно ќе биде град на среќни луѓе, а градот ќе го менаџираат вистински професионалци. мч/дма/

Остани поврзан