• среда, 18 декември 2024

Арсовска: Ова не се избори за политика, туку за нашето Скопје

Арсовска: Ова не се избори за политика, туку за нашето Скопје
Скопје, 12 октомври 2021 (МИА) - Независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива, вечерва на централниот митинг во главниот град истакна дека таа е дел од скопјани и дека нејзините проекти ќе го направат Скопје модерен европски град на којшто ќе се гордееме. - Ќе изградиме пет мега паркови и ќе го направиме Скопје повторно зелен град. Ќе изградиме кружен тек кај Мавровка и ќе го направиме сообраќајот пофункционален на сите проблематични точки. Во градот нема да има повеќе заборавени населби и таму ќе се инвестира во инфраструктура. Ќе иницираме заштита на Водно со закон, слободно од автомобили. Сите ние сакаме да имаме пристоен живот во овој град. Сите ние сакаме град без проблеми. Град без проблем со водата за пиење во дел од населените места, град каде нема диви депонии. Сакаме град каде образованието на нашите деца ќе се одвива во модерни училишта. Со бесплатниот јавен превоз и набавката на 250 еко автобуси скопјани ќе добијат еколошко решение наместо утопија – тоа е мојата понуда за Скопје, истакна Арсовска. Праша зошто нејзиниот противник вели дека ова не е остварливо, кога истото го нудел неколку дена по неа и срамно ја копирал. -Ако не е реален проектот зошто го нуди истото? Затоа што знае дека е реалност и знае дека тој е главниот виновник за лошото менаџирање на ЈСП, рече Арсовска. За неа, овие избори не се за политика, тие се за Скопје, за нашиот живот. - Овие избори се за нашето секојдневие, за нашите проблеми и пред се, за брзи, квалитетни и сигурни решенија за тие проблеми. На Скопје не му треба политичар со празни ветувања. На Скопје му треба менаџер кој ќе донесе решенија потребни за нашиот град да биде поубав. По стотици разговори што ги имав со вас скопјани, изминативе две недели додека го посетував секое место во Скопје, мојот заклучок е дека промена навистина му е потребна на Скопје, истакна Арсовска. Таа потенцираше дека граѓаните „немаат време за чекање после сите лажни ветувања и нереализирани проекти и токму сега е време за промени“. -Наместо да потрошиме 11 милиони евра за нови луксузни канцеларии за градоначалникот во заминување, овие 11 милиони евра ќе ги вложиме во иднина младите. Дел од тие средства ќе ги намениме за реновирање на дел од старата касарна во Аеродром и во соработка со општина Аеродром ќе ја направиме центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ компании. Ќе финансираме реновирање на овој центар каде младите ќе имаат можност да ги надградат своите вештини и да градат кариера во најбрзо растечкиот сектор во земјава. На овој начин ИТ старт-апите ќе имаат свои канцеларии, а младите ќе имаат нови можности за развој, истакна Арсовска. Ова, потенцираше таа, е разликата помеѓу менаџер и политичар. Политичарот, додаде, инвестира во канцеларии и во својата фотелја, а менаџерот инвестира во иднината на своите сограѓани. -Лицата кои имаат желба да се едуцираат во областа на софтвер и програмирање, во ИКТ индустријата како најбрзо растечка и најдобро платена индустрија, ќе имаат поддршка од градот Скопје. Скопје и скопјани заслужуваат повеќе. Ние сите заслужуваме град каде младите ќе имаат можности, ќе имаат успешни кариери, меѓутоа и каде градоначалникот им служи на граѓаните, а не обратно, додаде Арсовска во обраќањето на Централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. ев/лв/    

Остани поврзан