• сабота, 23 ноември 2024

Арсовска на средба со граѓаните од Гази Баба понуди решенија за проблемите на жителите

Арсовска на средба со граѓаните од Гази Баба понуди решенија за проблемите на жителите
Скопје, 30 септември 2021 (МИА) – Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска вечерва оствари средба со граѓаните од Гази Баба, при што порача дека е потребно итно решавање на актуелните проблеми во оваа општина. - Граѓаните отворено зборуваат за секојдневните проблеми што ги имаат и што им го загрозуваат секојдневието, како проблемот со чистата вода за пиење, непостоењето фекална канализација во некои делови од општината, лошата поврзаност со центарот на градот и високата загаденост на воздухот, истакна Арсовска и додаде дека нехумано е да се живее во 21 век со вакви проблеми секој ден. Таа понуди конкретни решенија за проблемите. - Директно ќе го поврземе Маџари со Ново Лисиче со мост кај Вардариште, а со цел олеснување на економскиот транспорт кај многубројните инвеститори во делот на Маџари, предвидуваме продолжување на улицата Маџари од рампата во Маџари преку Вардариште до реката Вардар, со нов мост и продолжување до раскрсницата на бул. АСНОМ со булеварот Февруарски поход. Со ова ќе обезбедиме полесен пристап, растеретен сообраќај и директна врска помеѓу Гази Баба и Аеродром, објасни Арсовска. Од аспект на зачувување и проширување на зелените површини, Арсовска најави посебен проект за парк-шумата Гази Баба - Во срцето на градот Скопје имаме непроценливо природно богатство. На овој локалитет ќе ги обновиме постојните и ќе создадеме нови пешачки и велосипедски патеки, урбана опрема и летниковци, им порача Арсовска на граѓаните на Гази Баба. ки/дма/

Остани поврзан