• среда, 25 декември 2024

Арсовска: Залудна е црната кампања на власта, проектите останаа само ветувања

Арсовска: Залудна е црната кампања на власта, проектите останаа само ветувања
Скопје, 6 октомври 2021 (МИА) - Власта спроведува црна кампања и со видео спотови залудно се труди затоа што никој повеќе не им се плаши, а тие се во страв од пораз и страв дека некој ќе ревидира каде отидоа парите на скопјани и на што се потрошија, а ништо не е реализирано во овие четири години. Ова вечерва го соопшти независниот кандидат за градоначалник за Град Скопје Данела Арсовска на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Ѓорче Петров. -Градот тоне во нечистотија и смет изминативе неколку години, но јас знам дека можам да го променам тоа. Ова што ќе замине во историјата било најлошото, а не најдоброто за нашите општини. Имам визија, посветена сум и поседувам план. Проектите на власта останаа само ветувања, а нивното време помина, затоа што имаа години за да реализираат, а не го направија тоа, такви ветувања како враќањето на езерото Треска на граѓаните, кружниот тек на влезот во Скопје кај Сарај, а Скопје не е ни прогласено за зелена метропола, ја нема ни ветената гасификација, никој не ги виде овие проекти, а и 40 години да им се даде нема да ги реализираат ветените проекти, рече Арсовска. Според неа, трагично е што во 21 век во Кучково нема вода за пиење, има заборавени места кои немаат канализација и водоводна мрежа, а исто така нема и асфалтирани улици. -Власта спроведува црна кампања затоа што се плашат дека некој ќе ревидира каде отидоа парите на скопјани изминативе четири години, а ништо не е реализирано. Ќе изгубат, залудни им се црните кампањи, затоа што никој повеќе не ви се плаши. Во Град Скопје ќе дојдат луѓе кои се чесни и ќе работат за подобар град. Мислат дека ако пуштат некој спот на телевизија, ќе ги сокријат ѓубрето и нечистотијата во кои тоне градот, дека нема да се види дека Универзална сала е далеку од реализација, а не може да се види ништо затоа што ништо не е направено, рече Арсовска во Ѓорче Петров. Таа ги претстави проектите кои ќе бидат клучни за општина Ѓорче Петров и Скопје - поврзувањето на булевар „Словенија“ со Ѓорче Петров, изградба на спортски комплекс, со трим и вело патеки, со терени за ракомет, кошарка, одбојка, ќе се уреди коридорот на реката Лепенец, со велосипедски патеки, со фитнес зони, со детски катчиња за најмладите, со катчиња за пензионерите, да се придонесе кон уредување на овој дел од Ѓорче, расчистување на депонијата во Ново село...мд/са/

Остани поврзан